Министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска денес оствари работна средба со амбасадорката на Република Австрија во Република Северна Македонија, Ренате Коблер.
На средбата се разговараше за економските релации помеѓу двете земји, со посебен фокус на можностите за инвестирање во земјава и нивно искористување од страна на австриски компании за реализација на нови инвестиции.
Осврнувајќи се на условите за инвестирање во земјава, министерката Апостолска ја информираше амбасадорката Коблер за владините мерки за поддршка на странските инвестиции и за можностите кои се нудат пред компаниите од Австрија.
„Австрија е значаен економски партнер на Република Северна Македонија, со 636,7 милиони реализирани директни инвестиции во периодот од 1997 до 2017 година, со над 50 активни компании, се етаблира како земја од која доаѓаат најголем број на странски директни инвеститори. Со Законот за финансиска поддршка на инвестициите и сериозните реформски чекори кои Владата ги прави во евро-интегративните процеси, се гарантира стабилна и предвидлива бизнис клима, се отвораат можности за продлабочување на позитивните трендови во делот на странските директни инвестиции и унапредување на трговската размена помеѓу двете земји“, порача министерката Апостолска.
Амбасадорката Коблер се осврна на поддршката која Австрија ја дава на Република Северна Македонија на патот кон полноправно членство во ЕУ, притоа потенцирајќи дека стабилната политичка клима и правната сигурност се значајни фактори кои влијаат позитивно на интересот на австриските компании да инвестираат во земјава.
„Како политички сојузник и силен поддржувач на интеграциите на Република Северна Македонија во Европската Унија, Австрија е посветена и на продлабочување на економските односи со активно промовирање на можностите за инвестирање пред бизнис заедницата во нашата земја“, истакна амбасадорката Коблер.