Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи редовната 135-та седница

Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи својата редовна 135 седница со повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.
 
На оваа седница на предлог на Министерството за финансии и на Управата за финансиско разузнавање ќе се разгледа Предлог-одлуката за формирање на Совет за борба против перење пари и финансирање на тероризам.
 
На денешната седница на дневниот ред на Владата на РСМ ќе се најде и Информацијата за електронско поврзување на 76 матични подрачја со електронскиот матичен регистар на Управа за водење на матични книги и план за целосна дигитализација на регистрите во Управата.
 
Министрите во владата денеска треба да се произнесат и за Предлог-националната програма за координација и преземање на ефективни мерки за надзор на пазарот за 2019 и 2020 година, со Акциски план.

Министерството за внатрешни работи за денешната седница ја предложи Информацијата за прогресот во модернизација на ИТ системи во Министерството за внатрешни работи, како предуслов за размена на веб сервиси.

Министерството за здравство ќе ги презентира Информацијата за прогресот на активности во реализација на акцискиот план за проектот - Фузионирање на здравствени домови со општи болници во општините каде тоа е потребно, и Информацијата за прогресот на активности во реализација на проектот „Служби за помош и поддршка на стари лица Домашна посета и Домашен лекар“.
 
На денешната седница ќе се најде и Информацијата за реализација на активностите од Националната стратегија за развој на пенитенцијарниот систем во Република Северна Македонија (2015-2019) во 2018 година, на предлог на Министерството за правда.