Јавен повик за реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година
Врз основа на член 39 став 2 од Законот за Влада (,,Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015 и 142/2016) и дел VII став 1 од Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година („Службен весник на Република Македонија" бр. 18/2019), Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, објавува
ЈАВЕН ПОВИК
за реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година
I. ПРЕДМЕТ
Предмет на овој јавен повик е реализација на средствата утврдени со Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година („Службен весник на Република Македонија" бр.18/2019) (во понатамошниот текст: Програмата), дел II став 1, преку утврдување на потребата за спроведување на мерки за намалување на аерозагадувањето и намалување на високите концентрации на PM10 и PM2.5 со замена на опрема/нееколошки системи за греење во градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти во најзагадените градови во Република Северна Македонија.
II. ПРАВО НА УЧЕСТВО
Право на учество на јавниот повик имаат градовите/општините на територија на Република Северна Македонија, кои имаат високо ниво на аерозагадување, односно висока концентрација на РМ10 и РМ2.5, согласно податоците од мерните станици на Државниот автоматски мониторинг систем во Република Северна Македонија за 2018 година.
III. ДОКУМЕНТАЦИЈА КОЈА УЧЕСНИКОТ НА ЈАВНИОТ ПОВИК Е ДОЛЖЕН ДА ЈА ДОСТАВИ
Учесниците на јавниот повик за реализација на Програмата се должни да достават:
- Пополнето барање за јавен повик за реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година
- Извештај за нивото на PM10 и PM2.5 концентрации за 2018 година согласно податоците од мерните станици на Државниот автоматски мониторинг систем
- Преглед на број на градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти, кои користат нееколошки систем за греење
- Податок за број на жители на градот/општината
IV. НАЧИН НА ДОСТАВУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО
Пополнетото барање се доставува во еден оригинален примерок заверен и потпишан од страна на градоначалникот на општината, заедно со потребната документација согласно дел III од овој јавен повик.
Барањето со комплетираната документација се доставува во затворен плик, преку пошта на адреса: Влада на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, бул. Илинден бр.2, 1000 Скопје или преку предавање во архивата на Владата на Република Северна Македонија, секој работен ден од 8.00-16.00 часот.
На предната страна на пликот во горниот лев агол да пишува „НЕ ОТВОРАЈ“, а под тоа „За реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година“.
Барањата кои нема да ги содржат бараните податоци на овој јавен повик, ќе се сметаат за некомплетни и нема да се разгледуваат.
V. РОК НА ДОСТАВУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО
Рокот за доставување на барањето е најдоцна до 27.5.2019 година до 16.00 часот. Барањата кои нема да бидат доставени во предвидениот рок нема да бидат разгледувани.
VI. ПОСТАПКА И КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР НА КОРИСНИЦИ И ОДОБРУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО
Постапката за избор на корисниците – градовите за реализација на Програмата за 2019 година, ја спроведува Комисија формирана од страна на Генералниот секретаријат, составена од 5 членови и 5 заменици-членови, и тоа: еден член и еден заменик-член од редот на вработените во Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, еден член и еден заменик-член од редот на вработените во Министерството за животна средина и просторно планирање, еден член и еден заменик-член од редот на вработените во Министерството за финансии, еден член и еден заменик-член од редот на вработените во Министерството за економија, еден член и еден заменик-член од редот на вработените во Министерството за локална самоуправа.
Комисијата одлучува врз основа на доставените барањa и комплетната документација, а согласно следните критериуми:
- За Град Скопје и градовите кои имаат мерни станици согласно Државниот автоматски мониторинг систем
Критериуми |
Бодови |
1. Број на денови со надминување на концентрациите на PM10 и PM2.5 над среднодневни гранични вредности за 2018 година |
50 |
2. Висина на просечна годишна концентрација на PM10 и PM2.5 |
20 |
3. Број на жители изложени на аерозагадување (број на лица кои ги користат услугите на институциите) |
10 |
4. Детално разработен преглед на градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти за технологијата на греење |
20 |
Вкупно бодови |
100 |
- За градовите кои немаат мерни станици согласно Државниот автоматски мониторинг систем
Критериуми |
Бодови |
1. Број на жители изложени на аерозагадување (број на лица кои ги користат услугите на институциите) |
50 |
2. Детално разработен преглед на домаќинства, градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти за технологијата на греење |
50 |
Вкупно бодови |
100 |
VII. ВИСИНА НА ФИНАНСИСКИТЕ СРЕДСТВА ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА ОПРЕМА
Поддршката за намалување на аерозагадувањето ќе се врши од предвидените средства во дел IV од Програмата, преку доделување опрема во согласност со дел IV, точки 2 и 3, а имајќи го во вид дел IV, точка 1 од Програмата. Доделувањето на опремата ќе биде во еднаков дел помеѓу Град Скопје и градовите кои имаат мерни станици согласно Државниот автоматски мониторинг систем и градовите кои не располагаат со мерни станици согласно Државниот автоматски мониторинг систем, но не повеќе од 100.000 евра во денарска противвредност. При поднесување на документацијата потребно е градовите/општините да ги наведат проектите по приоритет. Во случај на еднакви бодувања на проектите од страна на Комисијата, распределбата на средствата ќе биде пропорционално.
VIII. ПРИЛОЗИ НА ЈАВНИОТ ПОВИК
Барањето е составен дел на Јавниот повик и може да се обезбеди во електронска верзија преку интернет-страницата на Владата на Република Северна Македонија: https://vlada.mk
IX. ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИИ
За дополнителни информации барателите може да се обратат до Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат на телефон 02/3118-022 и до Министерството за животна средина и просторно планирање на телефон 02/3251-449.