Во рамки на дводневната официјална посета на Словенија премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев одржаа неколку средби со словенечки компании и оттаму најавија нова инвестиција на компанијата ТАБ МАК во висина од 25 милиони евра којашто ќе отвори над 90 нови работни места во Пробиштип и околината.
„Во рамки на нашата посета на пријателска Словенија имавме прилика да се видиме со неколку бизнисмени, дел од нив се веќе присутни во нашата земја. Господинот Липновик, директор на компанијата ТАБ МАК, ја сподели добрата вест со нас, дека е донесена одлука да направат нова инвестиција за фабриката за акумулатори во Пробиштип во вкупна вредност од 25 милиони евра. За нас е тоа многу значајно. Се потврдува дека во нашата земја има поволна инвестициска клима кога една компанија којашто скромно стартуваше пред неколку години сега носи вака крупна одлука за инвестиција од 25 милиони евра којашто ќе отвори нови од 70 до над 90 работни места. Се потврдува дека севкупните наши политики значат отворање на перспективи на Северна Македонија за интегративните процеси, но и на сите економски политики што ги водиме во државата“, рече премиерот Заев и додаде дека оваа инвестиција се реализира во внатрешноста на земјата што е дополнителен импулс за рамномерниот регионален развој и за задржување на младите во нашата земја.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев посочи дека за време на работната посета во Словенија, остварена е работна средба со претставници на 17 словенечки компании кои имаат операции во Република Северна Македонија, кои ги презентираа своите идни планови и притоа изразија задоволството од бизнис климата во нашата земја и актуелната политичка состојба.
„Таб Мак ги препозна мерките од Планот за економски раст, односно Законот за финансиска поддршка на инвестициите како добра платформа за реализација на својата нова инвестиција. Во согласност со Законот, оваа компанија ќе има можност да потпише договор за државна помош со што ќе се забрза реализацијата на проектот. Ова е една од компаниите која инвестира надвор од Технолошко индустриските зони. Со тоа покажуваме дека не се поддржуваат компании само во ТИРЗ. Веќе имаме добар број на фабрики кои инвестираат и надвор од овие зони. Со оваа компанија разговараме околу една година, во новата инвестиција ќе донесе современа технологија, што значи и поквалитетни работни места за граѓаните на Пробиштип и околината“, нагласи Анѓушев.
Управителот на Таб Мак, Игор Липовник, истакна дека станува збор за компанија која успешно функционира од 1965 година, а во 2012 ја презема фабриката „Злетово“, која во тој момент имала 168 вработени и вкупно околу 5 милиони годишен приход. Тој истакна дека се одлучиле на овој чекор бидејќи во нашата земја нашле добри и квалитетни работници, а потенцираше дека односите со централната и локалната власт се на високо ниво.
„Досега инвестиравме околу 19 милиони евра, а приходот од 5 милиони евра се искачи на 66 милиони евра на годишно ниво. Препознавајќи ги можностите кои ги нудат мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, одлучивме да инвестираме минимално 15 милиони евра, а може да потврдиме дека ќе бидат 25 милиони евра, со повеќе од 100 нови работни места, со што очекуваме годишниот приход да го искачиме над 100 милиони евра. Тоа значи дека производството од 1,2 милиони акумулатори, кои се вградуваат во Volkswagen, Citroen и Renault, сега ќе се искачи на над 3 милиони произведени акумулатори. Воедно очекуваме производството на батерии за вилушкари, од 350 илјади парчиња, да се искачи на над 1 милион произведени парчиња“, изјави Липовник.