Од 137 седница на Владата на РСМ: Утврден Предлог-законот за управување со природно и културно наследство во Охридскиот регион; Предлог-законот за попис оди во Собрание; Усвоена фискалната стратегија 2020-2022 со проекција за раст на БДП од 3,5% за 2019

На денешната 137 редовна седница, Владата на Република Северна Македонија го утврди Предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион, и донесе одлука тој да биде доставен на усвојување во Собранието на РСМ.

Во Предлогот на законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион се имплементирани обврските што произлегуваат од Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство на Организацијата на обединетите нации за образование, наука и култура, и се создаваат формално-правни предуслови, преку интегрирано управување со природното и културното наследство, да се спречат активности кои негативно влијаат врз исклучителните универзални вредности на природното и културното наследство во Охридскиот регион, како и да се преземат мерки за негово активно вклучување во животот на заедницата како фактор на одржливиот развој.

Владата на РСМ посветено работеше на донесувањето на овој закон, и на седницата беше нагласено уверувањето дека со новиот состав на Советот за следење и координација на управувањето со природното и културно наследство во Охридскиот регион ќе се зголемат капацитетите за ефективно управување со природното и културното наследство во овој регион.

Согласно предлог-законот Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион ќе се донесе најдоцна во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

До донесување на Планот времено се прекинуваат постапките за издавање одобрение за градење и постапките за вклопување на бесправно изградени објекти и времено се прекинуваат постапките за изработување и донесување на урбанистички планови, урбанистичко - плански и урбанистичко - проектни документации, како и постапувањето по донесените урбанистички планови, урбанистичко - плански и урбанистичко - проектни документации. Овие активности ќе продолжат по донесувањето на Планот за управување со природното и културното наследство.

Владата на РСМ денеска го утврди и текстот на Предлог-закон за Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија за 2020 година.

Во предлог-текстот на Законот се утврдени методолошките основи на претстојниот Попис, како и организациско-техничките специфики на оваа најголема статистичка операција. Имено, овој Попис ќе се спроведе со т.н. комбиниран метод, односно користење на податоци од претпописната база на податоци и прибирање на податоци од терен, т.е. лично попишување на сите единици на Пописот. Друга новина во овој Попис е користењето на лаптопи наместо хартиени обрасци што во голема мера го забрзува процесот на обработка и објавување на прибраните податоци.

Владата му предложи на Собранието на Република Северна Македонија да го усвои Предлог-законот за Попис, 2020, со што ќе се создадат услови за забрзани подготовки на овој долгоочекуван Попис на населението, домаќинствата и становите кој, според предвидениот акциски план, треба да се спроведе во периодот од 1 до 21 април 2020 година.

На предлог на Министерството за финансии, Владата на РСМ денеска ја усвои Фискална стратегија на Република Северна Македонија за 2020-2022, како стратешки документ кој се усвојува за период од три години и ги содржи среднорочните насоки и цели на фискалната политика, основните макроекономски проекции, износите за главните категории проценети приходи и расходи, како и проекциите за буџетскиот дефицит и долгот.

Фискалната стратегија e одраз на среднорочните фискални цели и стратешките приоритети на Владата на Северна Македонија, и врз основа на реалните показатели од неа, како и од континуираното забрзување на растот во текот на 2018 година и позитивните поместувања во првото тримесечје од 2019 година, се очекува нагорна ревизија на проекцијата за економски раст во 2019 година на 3,5%. Трендот на растот на БДП се очекува и во 2020 година и се позиционира на 4,2%, за во наредните две години да продолжи со посилен интензитет, односно да достигне 5%.

На денешната седница Министерството за финансии информираше и за подготовките за одржување на годишната средби на Холандската Конституенца во рамки на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка, од 21 до 23 јуни оваа година во Скопје и Охрид.

Овие средби се настан на високо ниво кој се одржува еднаш годишно во една од петнаесетте земји членки на Конситуенцата, и во Скопје и Охрид ќе пристигнат директори на ММФ и на Светска Банка, како и министрите и гувернерите на народните банки на сите 15 земји членки од Ерменија, Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грузија, Израел, Кипар, Луксембург, Молдавија, Романија, Северна Македонија, Украина, Холандија, Хрватска и Црна Гора.

Владата на РСМ денеска го утврди новиот текст на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште којшто, согласно член 137 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, ќе биде доставен на усвојување од страна на пратениците.

Со предложените законски решенија се овозможува поголема правна сигурност на учесниците во постапките за давање во закуп на земјоделско земјиште, изградба на објекти на земјоделско земјиште за промоција и продажба на земјоделски производи преку рурален туризам и објекти за спортско-рекреативни активности и други поволности за земјоделците кои досега беа пречка за можноста за промена на бизнис планот или програмата за начинот на користење на земјоделското земјиште, или оневозможуваа докапитализација на земјоделското земјиште на повеќе од 3 хектари.

Со новите предлог законски одредби ќе се овозможи земјоделските стопанства да можат да аплицираат на огласи за закуп земјоделски земјишта до 10 хектари, со дополнително олеснување обврската за плаќање на закупнина од страна на закупецот да стапи на сила три години по влегувањето во сила на договорот за закуп.

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои информацијата за обезбедување на дополнителни финансиски средства за спроведување на процесот на нивелација на платите во институциите од областа на културата, и го задолжи Министерството за култура потребните средства во износ од 16.300.000 денари да ги обезбеди до крајот на тековната 2019 година со пренамена на средствата од сопствениот Буџет.

На денешната седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата во врска со активностите за искористување на можностите на Зелениот климатски фонд, со одлука да му укаже на Град Скопје во рок од 2 недели до Кабинетот на Заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања и координација на економски ресори да достави листа на предлог-проектни идеи кои би биле соодветни за реализација преку Програмата за развој на зелени градови која ќе се имплементира преку Европската банка за обнова и развој, а со финансиска поддршка на Зелениот климатски фонд.