Пуштен во употреба булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“

Премиерот Никола Груевски и градоначалниците на Скопје и на општина Центар, Коце Трајановски и Владимир Тодоровиќ, денеска го пуштија во употреба проширениот булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“.

Проширувањето на сообраќајницата се одвиваше на потегот од улицата „Франклин Рузвелт“ до улицата „Костурски херои“ (еден крак) и кон улицата „Мито Хаџивасилев - Јасмин“, до свртувањето на десно кон улицата „Народен фронт“ (втор крак).

Премиерот Никола Груевски потсети дека пред неколку месеци на ова место во Скопје се наоѓала тесна сообраќајница и оти се случувале сообраќајни несреќи.

- На нејзино место, денеска добивме современ и функционален кружен тек. Добивме ефикасно сообраќајно решение со четири ленти, со нови велосипедски и пешачки патеки, хортикултурно уреден... Добивме булевар кој доликува на една модерна метропола и целосно се вклопува во изградбата на новиот, современ и модерен лик на Град Скопје, рече Груевски.

Според него, овој булевар е експресно завршен и додаде оти за тоа најмногу е заслужен градоначалникот Трајановски.

- Овој проект, но и изградбата на булеварите „Илинден“, „Св. Климент Охридски“, „Србија“, новиот и реконструиран коловоз на голем број скопски булевари и улици, новите тротоари, реконструираните мостови и сите други инфраструктурни проекти и зафати во градот се вистински доказ дека ако се сака, може да се гради. Може да се направат големи дела кои се за доброто на сите, рече Груевски и додаде оти и во иднина Владата ќе ги поддржува Град Скопје и сите општини во Македонија.

Трајановски истакна дека Град Скопје успешно ја завршил реализацијата на првата фаза од капиталниот проект за проширување и реконструкција на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, кој почна на 13 мај годинава.

- Булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ е проширен од десната страна во насока од општина Карпош кон општина Центар во вкупна должина од 1.600 метри. Сообраќајницата доби четири сообраќајни ленти, по две во секоја насока во вкупна широчина од 13 метри, рече Трајановски.

Во делот меѓу улиците „Митрополит Теодосиј Гологанов“, „Костурски херои“ и „Мито Хаџивасилев - Јасмин“ е формиран турбо кружен тек, кој е прв од ваков вид во Скопје. Двете нови семафоризирани крстосници, на улицата „9 Мај“ и на свртувањето кон улицата „Народен фронт“, го регулираат протокот на возилата во кружниот тек.

Трајановски најави дека околу кружниот тек ќе се постави метална заштитна ограда во должина од 280 метри за безбедноста на пешаците.

Новоформираниот коловоз на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ е асфалтиран на површина од околу 20.000 метри квадратни. Со проширувањето, улицата „9 Мај“ е отворена како еднонасочна, при што овој дел е семафоризиран. Еднонасочен сообраќај е воведен и на улицата „Костурски херои“.

На булеварот, покрај постојните 30 столбови за улично осветлување, се поставенио и 35 нови светлосни столба.

На проширувањето на новиот булевар работеа екипите на градежната фирма „Бауер БГ“ и екипите на ЈП „Улици и патишта“ и „Паркови и зеленило“. За целосната реконструкција на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, Град Скопје потроши 96 милиони денари.

Трајановски потенцира дека втората фаза од овој капитален проект продолжува со подготовка на инфраструктурен проект за проширување на овој булевар, од вкрстувањето со улицата „Франклин Рузвелт“ до улицата „Московска“.

Тој истакна дека следен голем проект е проширувањето на улицата „Првомајска“ во Кисела Вода.

Градоначалникот на општина Центар Владимир Тодоровиќ истакна дека реконструкцијата и проширувањето на овој булевар е успех и на општина Центар, на градежната оператива и на граѓаните на Скопје.

Тој потенцира дека жителите на овој дел од Скопје добиваат едно модерно сообраќајно решение.