Во штипската касарна свечено пречекани 149 македонски мировници од мисијата ИСАФ во Авганистан
Во касарната „Јане Сандански“ во Штип денеска се вратија 149 македонски мировници од Првата механизирана пешадиска бригада, кои учествуваа во одбраната на главната команда на мисијата ИСАФ во Кабул, Авганистан. Македонските војниците беа дел од 20-тата ротација во мировната мисија ИСАФ.
Пред министерот за одбрана Фатмир Бесими и началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески, кои беа присутни на свечениот дочек, командантот на македонскиот контингент, капетан Зоран Сумрачки истакна дека војниците професионално си ги извршувале своите задачи во рамки на шестмесечната мисија.
- Горд сум на припадниците на мојот контигент, особено за реакцијата на 13. септември, кога успеавме да одговориме на предизвикот, нападот на главната команда на ИСАФ во Кабул и успешно ја одбранивме без жртви и повредени, рече Сумрачки.
Министерот Бесими потенцира дека за македонските војници од Првата механизирана пешадиска бригада добил највисоки оценки од страна на првите луѓе на мисијата ИСАФ во Авганистан.
- Од тоа што го видов таму и на сите меѓународни состаноци и средби на највисоко ниво во НАТО добивме највисоки оценки и најдобри зборови за Македонија, рече Бесими.
Началникот на ГШ на АРМ, генерал- мајор Котески упатувајќи благодарност и големо признание за војниците меѓу другото посочи оти покрај учеството во НАТО мисиите и на ЕУ, македонската армија ќе го разгледа и ставот и ќе донесе одлука за поголемо учество на македонските војници во мисиите под покровителство на ООН.