Премиерот Заев: Од 1 јули стартува мерката „Мој ДДВ“ за враќање 15% од ДДВ на граѓаните, затоа што зборот важи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, министерот за финансии, Драган Тевдовски и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска на прес-конференција информираа за Предлог-законот за враќање на 15% од данокот на додадена вредност на граѓаните, кој беше усвоен на последната седница на Владата и доставен на усвојување во Собранието.

Со овој Предлог-закон, кој се очекува да се применува од 1 јули, започнува реализацијата на проектот „Мој ДДВ“, еден од најважните проекти од изборната програма и од Програмата за работа на Владата.

„Преку мерката „Мој ДДВ“, граѓаните на нашата земја, заедно со финансиските институции, ќе остварат две главни цели: Првата цел е да се вратат пари кај граѓаните, а втората цел е да учествуваат во намалувањето на сивата економија и во елиминацијата на даночното затајување. Благодарение не оваа мерка едно четиричлено семејство ќе може да си врати на сметка до 28.000 денари годишно во семејниот буџет. Нешто повеќе од една просечна плата во нашата земја, односно плата плус за секое семејство“, истакна премиерот Заев на прес-конференцијата, и потсети дека парите кај граѓаните започнаа да се враќаат со укинувањето на радиодифузната такса, со враќањето на евтината тарифа на струјата, како и со мерките за раст на минималната и на просечната плата, и со зголемувањето социјалната помош за речиси 300%.

„Сега, време е за нова голема ставка во домашниот буџет. Време е за МОЈ ДДВ. Зборот е збор, и зборот важи. Ги враќаме парите кај граѓаните и кај компаниите и продолжуваме во таа насока“, рече претседателот на Владата на РСМ Заев на прес-конференцијата по повод Предлог-законот за враќање на 15% од данокот на додадена вредност на граѓаните.
 
Оваа можност за поврат на дел од ДДВ ќе биде достапна за сите граѓани на Република Северна Македонија кои имаат наполнети 15 години, кои се регистрирани или ќе се регистрираат на системот на УЈП, и кои од 1 јули ќе ја преземат одговорноста редовно да си ги земаат фискалните сметки на продажните места, а потоа и да ги скенираат преку мобилен телефон. 

„Доколку се исполнат нашите очекувања и граѓаните бараат сметки, ќе им бидат вратени околу 50 милиони евра годишно. Максималниот износ на поврат за едно лице ќе изнесува 1800 денари за три месеци. 98% од домаќинствата ќе можат да направат поврат на ДДВ на нивната вкупна потрошувачка, а за оние најбогатите 2% ќе има лимит“, информираше министерот за финансии, Драган Тевдовски, и додаде дека оваа придобивка е обезбедена за сите граѓани, и дека заради правичност, за да не се случи повратот да оди главно кај најбогатите граѓани, поставени се лимити кои оневозможуваат поврат на дел од ДДВ од сметка над 30.000 денари. 

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска на прес-конференцијата соопшти дека станува збор за нова реформа, којашто за првпат се воведува кај нас, а по начинот на којшто ќе се реализира, прва од ваков вид и на Балканот.

„Целосната дигитализација кон што се стреми УЈП ќе им помогне на граѓаните да ги остварат своите права поврзани со надлежностите на УЈП од областа на даноците на брз и едноставен начин. Токму затоа и оваа реформа ќе се спроведе преку системот на УЈП, односно апликација којашто граѓаните ќе можат со своите мобилни телефони да ја симнат и да извршат скенирање на фискалните сметки, кои веќе нема да претставуваат парче хартија коешто ќе ги потсетува граѓаните само на парите коишто ги потрошиле, туку и на парите коишто ќе им се вратат“, потенцираше директорката на УЈП Лукаревска. 

На прес-конференцијата во Владата на РСМ денеска беше презентирана и апликацијата „Мој ДДВ” којашто граѓаните ќе ја користат од 1 јули, и со која ќе се скенираат валидните фискални сметки. Апликацијата низ 5 едноставни чекори ќе биде алатката преку која граѓаните сега за прв пат ќе се стекнат со можност да вратат дел од ДДВ, и на тој начин да станат партнери во борбата против сивата економија.

 


Премиерот Заев за мерката враќање ДДВ кај граѓаните: За прв пат во историјата на нашата земја, државата враќадел од данокот директно на сметките на граѓаните

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, министерот за финансии, Драган Тевдовски и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска не прес-конференција информираа за Предлог-законот за враќање на 15% од данокот на додадена вредност на граѓаните кој беше усвоен на последната седница на владата и доставен на усвојување во Собранието.

Во продолжение на ова соопштение, обраќањето на премиерот Заев ви го пренесуваме во целост:

На вчерашната седница, Владата на Република Северна Македонија го усвои Предлог-законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на граѓаните, и донесе одлука тој да биде доставен на усвојување во Собранието.

Владата го изгласа законот за поврат на 15% од платениот ДДВ за граѓаните, со што почнува реализација на еден од најважните проекти од изборната програма и од Програмата за работа на Владата.

Мерката ќе започне да се реализира од 1 јули, со што едно четиричлено семејство ќе може да си врати на сметка до 28.000 денари годишно во семејниот буџет. 

Нешто повеќе од една просечна плата во нашата земја. Можност за Плата плус за секое семејство. 

Оваа можност за поврат на дел од ДДВ ќе биде достапна за сите граѓани на Република Северна Македонија кои имаат наполнети 15 години, кои се регистрирани или ќе се регистрираат на системот на УЈП, и кои од 1 јули ќе ја преземат одговорноста редовно да си ги земаат фискалните сметки на продажните места, а потоа и да ги скенираат преку мобилен телефон. 

Со оваа постапка, преку проектот „Мој данок, моја заштеда“, граѓаните на нашата земја, заедно со финансиските институции, ќе остварат две главни цели:

- Првата цел е да се вратат пари кај граѓаните, а 
- Втората цел е да учествуваат во намалувањето на сивата економија и во елиминацијата на даночното затајување. 

Кога од 1 јули ќе отпочне примената на мерката и кога граѓаните ќе започнат редовно да си ги бараат фискалните сметки, учествуваат во обезбедувањето на 50 милиони евра за да легнат на нивните сметки како поврат на ДДВ.

50 милиони евра е проекцијата на вкупни средства на кои граѓаните ќе можат да сметаат дека ќе им бидат вратени на нивните сметки.

Тоа е огромна мотивација граѓаните да си ги бараат фискалните сметки, кои се задолжителна обврска и за нив и за трговците, и со тоа да придонесат за подинамично полнење на Буџетот на државата.

Од 1 јули вашиот мобилен телефон ќе добие уште една функција. Со апликацијата „Мој ДДВ“, на наједноставен и најбрз начин ќе можете да ги скенирате фискалните сметки. Секаде и во секое време. 

Секако, ќе обезбедиме и можности за ранливите категории кои нема да можат сами да ја спроведат постапката, тоа да го направат на наједноставен начин.

Ова е мерка за граѓаните. Мерка директно насочена кон граѓаните. За прв пат во историјата на нашата земја, државата враќа дел од данокот директно на сметките на граѓаните. 

До сега поврат на ДДВ остваруваа само компаниите, а сега таа придобивка ја обезбедуваме за сите граѓани. 

Заради правичност, за да не се случи повратот да оди главно кај најбогатите граѓани, поставени се лимити. 

Нема да има можност за поврат на дел од ДДВ од сметка над 30.000 денари. 

Дури 98% од домаќинствата ќе можат да направат поврат на дел од ДДВ на целата потрошувачка, а за оние најбогатите 2% ќе има лимит. 

Почнавме да враќаме пари кај граѓаните со укинувањето на радиодифузната такса. Со враќањето на евтината тарифа на струјата, го дополнивме домашниот буџет. 

Обезбедивме раст на минималната и на просечната плата. Ја зголемивме социјалната помош за 300%, а казните ги намаливме до 75%.

За поддршка на земјоделците обезбедивме рекордни 8,4 милијарди денари. Го намаливме ДДВ на парно греење од 18% на 5%.

Сега, време е за нова голема ставка во домашниот буџет. Време е за МОЈ ДДВ. Зборот е збор, и зборот важи. Ги враќаме парите кај граѓаните и кај компаниите и продолжуваме во таа насока.

 


Министерот за финансии Тевдовски за мерката повратот на 15% од платениот ДДВ кон граѓаните: Борбата за подобра економија и праведен економски раст од кој бенефит ќе имаат сите граѓани, продолжува

Во Владата на Република Северна Македонија денеска се одржа прес-конференција на која Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, министерот за финансии, Драган Тевдовски и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска не прес-конференција информираа за Предлог-законот за враќање на 15% од данокот на додадена вредност на граѓаните кој беше усвоен на последната седница на владата.

Во продолжение на ова соопштение обраќањето на министерот за финансии Драган Тевдовски ви го пренесуваме во целост:

Ја реализираме мерката 15% од платениот ДДВ кај граѓаните! Министерството за финансии и Управата за јавни приходи посветено работеа на реализација на обврската пред граѓаните содржана во Владината програма - повратот на 15% од платениот ДДВ кон граѓаните. На сите вклучени им благодарам за посветеноста на овој процес. 

Данокот е она што граѓаните го вложуваат во државата. Тој се враќа преку јавното образование, јавното здравство, инфраструктурата, преку градинките, парковите, центрите за социјална заштита... Сега за прв пат од вашиот платен ДДВ, 15% ќе ви бидат вратени на сметката, како заштеда. 

Мерката има 2 главни цели:
1. Поврат на 15% од платениот ДДВ кон граѓаните, како што е ветено и
2. Намалување на сивата економија. Граѓаните ќе бидат инспектори и ќе ни помогнат за намалување на неформалната економија со барање на фискални сметки. За прв пат 15% од платениот ДДВ ќе им биде вратен на нивните сметки.
Ние го завршивме законскиот дел и направивме механизми со кои ќе се врши повратот. За да можат граѓаните да го користат важно е да одговориме неколку клучни прашања.

Кој ќе има право да ја користи оваа можност? 

Сите граѓани постари од 15 години со валидна лична карта или пасош, издадени од надлежен орган на РСМ. Треба да бидете регистрирани на електронскиот систем на УЈП за физички лица и да имате трансакциска сметка на сопствено име.

Како ќе се прави повратот? 

Преку скенирање на бар кодовите на фискалните сметки, со мобилни телефони, со користење на посебна апликација, развиена од Управата за јавни приходи. Скенирањето треба да се направи најмногу во рок од 10 дена од датумот на издавање на сметката. Ова е најлесниот начин да ја користите можноста, со цел да не чекате редови и да немате застој во скенирањето. Секако за ранливите групи ќе бидат обезбедени и алтернативни начини. Имајте предвид дека ова е можност достапна за сите граѓани над 15 години и дека станува збор за најобемната мерка преземена кога и да е од МФ и УЈП. Доколку граѓаните немаат можност сами да се регистрираат и да симнат апликација, од еден уред може да се користат повеќе профили, па затоа појдете прво кај најблиските кои би можеле да ви помогнат. 

Од кога почнува повратот?

Од почеток на јули 2019; Првата исплата ќе биде во декември 2019. Парите ќе бидат префрлени директно на сметка на граѓаните. Потоа, исплата ќе се врши секој февруари/мај/август/ноември, за изминатите три месеци. 

Колку пари се враќаат кај граѓаните? 

Доколку граѓаните ги бараат сите сметки, очекуваме дека ќе им бидат вратени најмногу 50 милиони евра годишно. Максималниот износ на поврат за едно лице ќе изнесува 1800 денари за три месеци; За четиричлено домаќинство, враќањето на ДДВ ќе изнесува најмногу 28.800 денари годишно; 

Кои се условите за користење на можноста? 

Поврат на овој начин се врши само за граѓаните, а не и за претпријатијата. Важи само за ДДВ содржан во фискални сметки, не и за ДДВ од фактури и сметки со сметко-потврда; Може да се користи само за фискална сметка до износ од 30.000 денари; Не важи за сторнирани фискални сметки.

Ви благодарам што сте денеска тука. Успешноста на мерката зависи и од пренесувањето на информациите до граѓаните, а вие сте нивните очи и уши. Би сакал да истакнам дека како Министерство за финансии посветено ја реализираме Владината програмата:

- од поддршка за повисока минимална плата и гарантиран минимален доход, до поддршка за раст на платите; 
- имаме одлични резултати од воведувањето на праведно оданочување; 
- и сега, го реализираме повратот на 15% од ДДВ кон граѓаните! 

Борбата за подобра економија и праведен економски раст од кој бенефит ќе имаат сите граѓани, продолжува!

 


Директорката на УЈП Лукаревска за „Мој ДДВ“: Креиравме модерен, брз, ефикасен и едноставен начин за граѓаните за поврат на ДДВ, прв од ваков вид на Балканот

Во Владата на Република Северна Македонија денеска се одржа прес-конференција на која Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, министерот за финансии, Драган Тевдовски и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска не прес-конференција информираа за Предлог-законот за враќање на 15% од данокот на додадена вредност на граѓаните кој беше усвоен на последната седница на владата.

Во продолжение на ова соопштение обраќањето на директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска ви го пренесуваме во целост:

Mи претставува особено задоволство што денеска имам можност да најавам дека од 1 јули, Управата за јавни приходи е целосно подготвена за старт на оваа значајна мерка, поврат на 15% од ДДВ на граѓаните. 

Во изминатиот период, тим составен од врвни професионалци на Управата за јавни приходи интензивно посветено и макотрпно, заедно со Министерството за финансии работеше на креирање на модерен, брз, ефикасен и едноставен начин преку којшто граѓаните ќе може да го искористат своето право за поврат на ДДВ. 

Земајќи предвид дека станува збор за нова реформа, којашто за првпат се воведува кај нас, а по начинот на којшто ќе се реализира, прва од ваков вид и на Балканот, за нас беше голем предизвик креирањето на одржлив систем којшто ќе ги опслужи граѓаните како и на апликација преку којшто ќе им се враќа дел од ДДВ. 

Динамичниот начин на живеење наложува ефикасно користење на времето, па оттука верувам дека целосната дигитализација кон што се стреми УЈП ќе им помогне на граѓаните да ги остварат своите права поврзани со надлежностите на УЈП од областа на даноците на брз и едноставен начин. 

Изминатата година УЈП воспостави електронска взаемна комуникација со физичките лица, односно со граѓаните со цел изготвување на претпополнета Годишна даночна пријава, што се покажа како особено успешно. 

Токму затоа и оваа реформа ќе се спроведе преку системот на УЈП, односно апликација којашто граѓаните ќе можат со своите мобилни телефони да ја симнат и да извршат скенирање на фискалните сметки, за што подоцна и подетално ќе бидете запознаени со целата процедура. 

Од 1 јули, фискалните сметки веќе нема да претставуваат парче хартија коешто ќе ги потсетува граѓаните само на парите коишто ги потрошиле, туку и на парите коишто ќе им се вратат. 

По стартот на „Поврат на 15% ДДВ кај граѓаните” на секој граѓанин ќе му биде навистина важно дали фискалната сметка во нивните раце е валидна или пак за производот кој што го купиле, некој им издал незаконска фискална сметка и со тоа им го ускратил правото да остварат враќање на ДДВ. 

Апликацијата „МојДДВ” којашто граѓаните ќе ја користат од 1 јули, дозволува скенирање само на валидни фискални сметки. 

Со скенирањето на баркодот, системот на Управата за јавни приходи ги вчитува сите податоци од фискалната сметка, додека незаконските, компјутерските сметки системот нема да ги препознае. На овој начин граѓаните ќе знаат дека тој кој им издал ваква сметка им го скратил правото да им бидат вратени пари како заштеда, еднакво како и даночните обврзници коишто не издаваат фискални сметки. 

Затоа веруваме дека благодарение на оваа мерка, Управата за јавни приходи и граѓаните ќе станат партнери во борбата против сивата економија. Преземајќи ја улогата на инспектори, граѓаните ќе инсистираат на издавање на фискални сметки и дополнително ќе избегнуваат да купуваат на места каде што фискални сметки не се издаваат, и истите може да ги пријават во Управата за јавни приходи.

Мој данок, моја заштеда е мотото на оваа мерка. Со плаќањето данок, граѓаните вложуваат во напредокот на државата. Сега за првпат дел од ДДВ се враќа назад кај нив и токму затоа граѓаните не заслужуваат и не смеат да толерираат неиздавање на фискални сметки или издавање на неважечки фискални сметки.