Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија Драги Рашковски, денеска, одржа прес-конференција на којашто ги образложи фактите и аргументите во врска со, како што нагласи, објавената верзија на аудио запис за процедурата за набавка на радарски систем за летање за потребите на АД „М-НАВ“.
„Во врска со објавената верзија од аудио записот, снимен на состанокот, одржан на 18 октомври 2018 година, во мојот кабинет, снимен од лицето Климент Чепуњовски, би сакал да објаснам неколку претходни факти, за да ги видиме вистините, кои што беа извитоперени од страна на самиот објавувач на снимката, а понатаму презентирани од страна на партијата ВМРО-ДПМНЕ, што само кажува дека спрегата меѓу двата ентитети постоела и поодамна и дека таа е една креирана лага“, рече Рашковски додавајќи дека на прес-конференцијата биле уредно поканети и одредени лица, кои не беа присутни, а за кои Генералниот секретар објасни дека би било корисно да ги увидат сите сегменти во врска со обвинувањата искажани кон него и останати избрани функционер во Владата на РСМ.
На прес-конференцијата, Генералниот секретар презентираше документи коишто содржеа шаблон за местата на кои седеле сите присутни на состанокот и приложи фотокопирани документи, коишто беа поделени на присутните на прес-конференцијата и ги аргументираше сите факти во врска со набавката на радарскиот систем, подвлекувајќи дека тендерската постапка според меѓународните стандарди е спроведена според британското право.
„Во Законот за Влада е дефинирано дали Владата може да делегира на некого надлежности и многу е жално некој по 11 години владеење да не знае кои се ингеренциите на Генералниот секретар на Владата“, објасни Рашковски одговарајќи на претходните обвинувања дека неговото присуство на состанокот е нелегитимно.
Генералниот секретар Рашковски, подвлече дека според член 11, став 2 од Законот за Владата, претседателот на Владата го насочува дејствувањето на Владата во целина или нејзините членови, во согласност со програмските одредби и насоки што таа ги утврдува.
Генералниот секретар на Владата, Рашковски истакна дека Договорот со италијанската компанија „Леонардо“ за АТМ систем е потпишан на 30 април 2015 година, од Живко Поповски, тогашниот претседател на Управниот Одбор на „М-НАВ“, кој како што рече е татко на поранешниот министер за надворешни работи Никола Поповски.
„Пет и пол години имало непотрошени пари од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Треба да се испита зошто е тоа така. „М-НАВ“, изборот го направил во јуни 2017 и избран е „Леонардо“. Од ЕБОР на 31 јули 2017, кој е давател на заемот е испратено писмо дека се е во ред и дека треба да се пристапи кон договор со „Леонардо“. Новата власт затекна четири години доцнење на оваа набавка“, нагласи Рашковски.
Генералниот секретар Рашковски негираше било какво влијание на тендерот за набавка на радарски систем за летање за потребите на „М-НАВ“ и подвлече дека претставникот на компанијата Чепуњовски долг период не ја реализирал набавката на АТМ систем и со тоа ја загрозувал безбедноста на небото над Северна Македонија.
„Со заклучок на Владата на РСМ ме задолжија да направиме вештачење, дали административната зграда, која требаше да се гради како дел од тендерот, е со вредност од 1,8 милиони евра или има некаква злоупотреба. Доколку тоа го утврдеше Бирото за судски вештачења, сакавме да се побара издвојување на таа компонента и „М-НАВ“ да ја прави со свои пари за да се заштеди од парите на граѓаните. Од кога стигна таквото вештачење се виде дека вредноста е приближно иста на сумата 1,8 милиони евра и не направивме ретендерирање, за да не одолговлекуваме“, рече Рашковски.
Тој посебно внимание обрна на фактот дека тендерот и изборот на најповолен понудувач се направени во 2016-та година и истакна дека целата процедура е во согласност со правилата за набавка на ЕБОР и евалуацијата е направена од независни евалуатори.
Рашковски со новинарите разговараше и за погрешното интерпретирање на „Letter of award“ (Писмена потврда за избор на најповолен понудувач) којашто скоро две години претставникот на „М-НАВ“ не сакал да ја потпише. Тој појасни дека терминот не значи награда, туку во професионална комуникација се употребува за писмо за известување и ништо друго.
Генералниот секретар Рашковски оцени дека главната цел на сите преземени активности се согласно законските прописи и надлежности на Владата, чија должност е да се грижи за безбедноста на воздушниот сообраќај и простор.
„Ќе употребам еден нов термин и се надевам нема лошо да го интерпретирате. Тоа се вика цесија на извинување. При цесијата на извинување јас ја преземам вината, односно обврската да се извинам кон сите држави, кои што се спомнати во негативен контекст во верзијата на аудио-говорот. Кон сите националности, народи, и.т.н, кон било кој што се нашол повреден во верзијата на објавениот разговор. Понатаму ако знаете што е цесија, господо од ВМРО-ДПМНЕ, треба да знаете дека таквата цесија понатаму условно речено некој друг ќе си ја наплати , од оној кој ќе излезе виновен во однос на пресудените работи“, рече Рашковски, којшто оцени дека е несериозно да се објави само дел од разговорот, кој како што потврди траел еден час.
Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски на прес-конференцијата најави дека ќе поднесе кривична пријава согласно Казнениот закон, против Климент Чепуњовски, како и тужби за клевети и навреди против Иванка Василевска, Горан Момировски, Љупчо Златев, Љупчо Палевски, Миленко Неделковски, Ирена Радовановиќ, политичката партија „Левица“ и Валон Бела.
Рашковски, најави и арбитражна постапка против домените „инфомакс.мк“, „курир.мк“, „експрес.мк“ и „лидер.мк“.