УСАИД го заврши проектот за основно образование во Македонија
Американската агенција за меѓународен развој - УСАИД го заврши шестгодишниот Проект за основно образование - ПЕП (Primary Education Project) во Македонија, преку кој беа реновирани 130 основни училишта.
Крајот на проектот денеска беше свечено означен, со филмска презентација на сите проекти и нивните резултати, пред голем број наставници, директори на училишта, претставници на локалните заедници и институции кои учествуваа во нивното спроведување.
Американскиот амбасадор Пол Волерс рече дека е возбудливо да се видат ефектите на ПЕП, чии искусва од Македонија сега се пренесуваат и во други земји низ светот. Рече дека денешниот настан е „горко-сладок момент“, зашто проектот завршува, но донел убави промени.
- Образованието е најважната работа за која може да зборуваме, зашто е основа на иднината.... Овој проект обезбеди подобра атмосфера за учење за учениците, континуиран професионален развој за наставниците и посилни управувачки капацитети за училиштата, истакна амбасадорот Волерс.
Тој посочи дека иако завршува ПЕП, поддршката за македонската младина ќе продолжи со нов проект од март - Младинска мрежа за стекнување вештини за вработување (YES).
Министерот за образование и наука Панче Кралев рече дека МОН имало нтензивна и позитивна соработка со УСАИД и дека од двете страни целосно биле исполнети обврските преземени со потпишаниот меморандум во 2007 година.
- Партнерството со Проектот на УСАИД за основно образование за нас беше важно, зашто една од стратешките определби врзани за развојот на Република Македонија е подигање на квалитетот на образованието во државата... Среќни сме што наш партнер беше УСАИД, со чија помош успеавме на некој начин да го подобриме квалитетот на образованието во Македонија, рече Кралев.
Покрај реновираните училишта, во рамки на ПЕП беа обучени околу 17.500 просветни работници и општински кадар за интерактивна настава, компјутерски вештини, математика, природни науки и методи на оценување. Беа доделени 8.200 сертификати за обучени наставници кои применуваат нови методи во наставата, околу 360 училишта добија опрема...
Меѓу проектите на ПЕП беше и најголемиот хуманитарен концерт во Македонија во полза на образованието - последниот концерт на Тоше Проески на Градскиот стадион на 5 октомври 2007, од чиј приход беа опремени 117 основни училишта.
Од 1993 година УСАИД во Македонија има инвестирано над 500 милиони долари во областа на образованито, економијата, вработувањето и во други проекти во функција на подобрување на квалитетот на живеење на македонските граѓани.