Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со претседателот на Светската ракометна федерација (ИХФ), Хасан Мустафа, кој беше придружуван од Живко Мукаетов, претседател на Македонската ракометна федерација (РФМ) и Филип Милошевски, генерален секретар на РФМ.
На средбата, премиерот Заев ги поздрави сите напори и вложувања што ги прави Ракометната федерација и потенцираше дека токму затоа ракометот е спорт „број еден“ во државата во моментот.
„Светското првенство во ракомет во машка категорија до 19 години, кое се одржува во Скопје претставува вистинска афирмација и промоција не само на спортот, туку и на државата во светски рамки“, рече премиерот Заев честитајќи им на присутните за организацијата на Првенството, кое деновиве се одржува во нашата земја.
Нагласувајќи, дека во иднина ќе се зголемува поддршката, со цел дополнително развивање на ракометот и спортот во нашата земја, премиерот Заев со претседателот на ИХФ, Мустафа, разговараше за искуствата од вложувањето во спортот и спортската инфраструктура од страна на државата, оценувајќи дека токму тоа е правецот кој ќе овозможи што поголем број на млади да спортуваат и да се занимаваат со ракомет.
Соговорниците, Мустафа и Мукаетов ја поздравија определбата на премиерот Заев и Владата за поддршка на спортот во Северна Македонија и се согласија дека заеднички ќе работат на остварување на што поголеми резултати во ракометот и промоција на спортот воопшто.
Истовремено, на средбата беше констатирано дека Република Северна Македонија е мала држава, која најдобро и најбрзо може да се промовира преку спортот.