Посебно внимание на јавноста вчера предизвика делот од прес-конференцијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и на министерката за финансии Нина Ангеловска, кој, во рамките на ребалансот на Буџетот за 2019 година, се однесува на мерката за субвенционирање на придонесите од задолжителното социјално осигурување за претпријатијата кои ќе ги зголемат платите на своите вработени до 100 евра во денарска противвредност. Со оваа мерка се сузбива сивата мерка и давањето на плати во кеш.
За оваа мерка се предвидени 400 милиони денари.
Мерката е од исклучително значење, бидејќи со неа ќе се поддржат компаниите кои се соочуваат со потешкотии за наоѓање и задржување на стручен кадар. На тој начин, ќе се поттикне и продуктивноста на компаниите што е основа за економски раст. Од друга страна ќе се поттикне спиралата на плати, што ќе се рефлектира на забрзан раст на платите.
Мерката прво важи еднакво за сите компании и вработени во приватниот сектор. Тоа се околу 610 илјади наши сограѓани. Оваа мерка на ја опфаќа јавната администрација бидејќи во оваа дејност нема исплата на плати во кеш, а со покачувањето на платите во овој сектор, нормално си оди и плаќањето на придонесите зголемени соодветно на секое покачување.
Благодарение на добрите перформанси на Буџетот, на неговата ликвидност и финансиска стабилност, Владата на Северна Македонија утврди дека може да се алоцираат предвидените 400 милиони денари за субвенционирање на придонесите за да се овозможи пораст на платите.
Со оваа мерка, наместо да даваат пари во кеш како дополнување на платата на работниците, за да ги мотивираат, да ги задржат, работодавачите не ја даваат целата бруто плата, зашто вкупно придонесите на бруто плата изнесуваат 47 отсто заедно со персоналниот данок.
Целта е навистина да се демотивира исплатата на дел од платата во кеш.
Со новата мерка што ја предлага Владата, работодавачите ќе платат само 11 проценти персонален данок, а другиот дел, пензиско, здравствено и социјално осигурување, ќе го покрие државата.
Така, вработените ќе добијат повисоки нето плати и ќе бидат мотивирани да останат на работа. Тоа е мерка која ќе придонесе кон мотивацијата и младите луѓе, и сите други, да останат во државата зашто платите ќе растат.
Во креирањето на мерката се водеше грижа за влијанијата на мерката на Буџетот и заради тоа е воведен лимит на висината на придонесите што ќе бидат субвенционирани и тие се соодветни на зголемувањето на платата до 100 евра во денарска противвредност.
Дополнителен ефект од оваа мерка е што, во суштина, со субвенционирање на придонесите за здравствено и пензиско, ќе се помагаат двата фонда, и здравствениот и пензискиот, наспроти на фактот што заради исплатата во кеш, овие фондови не ги добиваа тие средства.
Оваа мерка го обезбедува приливот на средства во овие два фонда, ги стабилизира, но и отвора можност за дополнителен раст на платите, на пример - во здравството.
Овој ребаланс на Буџетот ја има токму таа цел да го забрза растот и да вбризга повеќе пари кај граѓаните и компаниите за раст на платите.