МП Дескоска: Извесно е дека предметите на СЈО ќе продолжат пред судовите

Денеска во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија официјално започна имплементацијата на ИПА Твининг проектот насловен како „Градење на институционалниот капацитет на Истражниот центар‘‘. Проектот е финансиран од страна на Европската Унија, а Јавното обвинителство на Република Северна Македонија како клучен корисник ќе го спроведува во соработка со Министерство за внатрешни работи, Министерството за правда, Управата за финансиска полиција, Царинска управа во период од 18 месеци, во партнерство со Германска фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ) и Министерство за правда на Република Хрватска. По тој повод, министерката за правда, Рената Дескоска имаше воведно обраќање во кое истакна дека истражните центри претставуваат најзначајната алатка во рацете на обвинителите.

 

 

„Тие го откриваат патот на парите, тие се на некој начин очите и ушите на обвинителите, тие ги собираат сите делчиња од сложувалката, тие ја градат целосната слика за еден кривично-правен настан“, потенцираше Дескоска.

Главната цел на проектот, како што истакна министерката Дескоска, е подобрување на ефикасноста и ефективноста на кривичната правда преку ефикасно функционирање на истражните центри и обезбедување на брзи, транспарентни и ефикасни предистражни и истражни постапки во борбата против криминалот.

Проектот е структиран во три компоненти и истиот е наменет за поддршка за формирање на истражни центри во Основното јавно обвинителство за борба против организираниот криминал и корупцијата и канцелариите за јавни обвинители со проширена надлежност кои имаат најголем број предмети (ОЈО Скопје, ОЈО Куманово, ОЈО Тетово).

„Крајната цел на овој проект е да се постигнат ефикасни и мултидисциплинарни истраги кои ќе обезбедат цврсти докази за обвиненија кои ќе бидат презентирани пред судовите“, истакна Дескоска.

Натака, министерката Дескоска истакна дека вложувањето во обвинителството е инвестиција во правната држава, па во таа насока ги повика и пратениците во Собранието да придонесат кон јакнењето на правната држава, со тоа што ќе дадат поддршка за Законот за Јавното обвинителство.

Според министерката Дескоска, извесно е дека предметите на СЈО ќе продолжат пред судовите: „Трансферот на предмети кој се случува им ги помати сметките на оние кои посакуваа после 15 септември да нема Специјален јавен обвинител, да нема некој којшто ќе ги заврши предметите, да постои институција со заглавени, незавршени предмети уште една година. Тој план направи штета – но пропадна. Сега е веќе извесно дека предметите на СЈО ќе имаат завршница со нивното пренесување во републичкото Јавно обвинителство. Целосно се тргна и можноста за било какво негативно влијание од мислењето на Врховниот суд. Сепак, правниот систем покажа дека функционира, дека постојат механизми кои оневозможуваат блокада. Затоа е бесцелно неконструктивното однесување на било кој во процесот на носење на законот“, потенцираше министерката за правда.

Во пресрет на одлуката за датум за преговори, Дескоска апелираше државните интереси да бидат ставени пред партиските: „Можеби носењето на законот веќе не е нужно заради продолжување на предметите на СЈО, но потребен е заради исполнување на обврските од Стратегијата за реформа во правосудниот сектор“.