Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска е домаќин на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој заедно со делегација од Советот ја посети земјава, во пресрет на очекуваната одлука за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ во октомври.
По билатералната средба на двете делегации, на Владата и на Европскиот совет, премиерот Заев и претседателот на ЕС, Туск дадоа изјави за медиумите.
Во продолжение на ова соопштение Ви ја пренесуваме во целост, изјавата на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев:
„Денеска имаме посебна чест да го пречекаме во нашата земја докажаниот пријател на нашата земја, Претседателот на Европскиот Совет, господинот Доналд Туск.
Дозволете ми во мое име, во име на Владата на Република Северна Македонија и во имe на граѓаните на нашата земја да му ја изразам нашата благодарност за поддршката и помошта за време на целиот негов петгодишен мандат. Претседателот Туск не пропушти ниту една можност да го афирмира пријателството кон нашата земја, кон аспирациите на Северна Македонија да биде членка на Европската Унија, како и кон неговата посветеност на процесот за проширување на Европската Унија.
Нашата заедничка желба е во периодот до следната седница на Европскиот совет, ова взаемно пријателство и поддршка да ги крунисаме со заеднички историски успех во октомври.
Заеднички, затоа што тоа е заеднички интерес и на Северна Македонија и на Европската Унија.
Ова е период од најголема важност за постигнување на стратешките цели на нашата земја со долгорочно и суштинско значење за нашите граѓани.
Една од тие цели е потврдувањето на датумот за старт на преговорите со Европската Унија во октомври.
Во таа насока, сите наши напори се насочени кон засилен ангажман и целосна посветеност кон обезбедувањето на силна поддршка од земјите-членки на ЕУ за одлука за почеток на пристапните преговори.
После десет позитивни препораки на Европската комисија, оптимистичките заклучоци на Советот во 2018 и 2019 година, и резултатите што ги создадовме - сѐ повеќе и повеќе сме убедени дека сме подготвени да ги совладаме сите предизвици што ги носи процесот на пристапните преговори.
Нашите очекувања и амбиции за Советот на ЕУ на 15 октомври и Европскиот совет на 17-18 октомври се усвојување на одлука за отворање преговори за пристапување, без понатамошно одложување.
Претседателот Туск ќе ја претседава, таа за нас историска седница на Европскиот Совет, каде лидерите на државите членки на ЕУ треба да ја потврдат оваа одлука. Затоа денеска, детално го запознавме со сите напори кои ги направивме во изминативе две и пол години, но и во изминативе петнаесет години како држава кандидат за членство во ЕУ која очекува да ги почне преговорите.
Очекуваме дека потоа ќе следува повикот до Европската комисија да започне со подготовката на преговарачката рамка за нашата земја и да биде закажана првата меѓувладина конференција, која нема зошто да не биде одржана до крајот на оваа, или на почетокот на следната година.
Немаме никакво сомневање и нам ни е целосно јасно дека со започнувањето на пристапните преговори влегуваме во длабинско и долго трансформациско патување до целта – членството во Европската Унија. Тоа трансформациско патување, со јасна европска перспектива, е почеток на интензивната работа за трансформација на нашата земја согласно политиките и правилата на ЕУ, а во интерес на граѓаните.
Тој процес е несомнено докажан како незаменлива алатка која генерира позитивни и успешни приказни во земјите кандидати.
Напредокот постигнат од земјата е очигледен, во реформската агенда на домашно ниво и во нејзините односи со соседите, како и во целокупната демократска трансформација што е постигната досега. Обврските за спроведување на понатамошни резултати продолжуваат, особено во областа на владеењето на правото.
Во решавањето на предизвиците со кои се соочуваме целосно сме ангажирани, во согласност со европските вредности и стандарди. Во тие рамки ги гледаме и дебатата за Законот за Јавното обвинителство. Случајот „Рекет“ е силен тест за судството и за успех на реформите. Институционалното разрешување на овој и на сите слични случаи ќе ја докаже независноста на правосудниот систем и јасната политичка волја за борба против корупцијата.
Тоа е европскиот начин, тоа е начинот на правната држава и на владеењето на правото.
Со овие уверувања, почитувани граѓани, денеска го пречекавме и ќе го испратиме искрениот пријател на Република Северна Македонија, Претседателот на Европскиот Совет, господинот Туск, со кој секако ќе се видиме во Брисел, следниот месец, кога заеднички, се надеваме ќе ја споделиме радоста за толку долго очекуваниот наш датум за почеток на преговори со Европската Унија“.