Премиерот Заев во телефонски разговор со Столтенберг: Остануваме посветени на евроатлантските интеграции наш стратегиски и суверен избор

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во телефонски разговор разменија мислења за одлуката на ЕУ да го одложи стартот за преговори на нашата земја за членство во унијата.

Премиерот Заев му го пренесе на Генералниот секретар Столтенберг расположението на граѓаните на земјата од историската грешка на ЕУ да не ги одобри очекуваните преговори за пристапување во полноправно членство како разочарувачко и фрустрирачко, наспроти фактот дека Република Северна Македонија ги исполни сите услови.

Тоа не треба и нема да влијае и на остварувањето на втората од двете најголеми стратешки цели на државата – членството во ЕУ, и од спроведувањето на реформите до крај за да ги имплементираме европските вредности восите наши институции, во сите пори на нашето живеење, истакнал во разговорот со Столтенберг претседателот на Владата на Северна Македонија Заев.

Во телефонскиот разговор со Столтенберг, премиерот Заев се заблагодари за поддршката на НАТО во нашите евро-атлантски интеграции и истакна дека Северна Македонија останува посветена на заокружувањето на процесот за полноправно членство во алијансата, како нејзин стратегиски и суверен избор да биде следната, 30-та земја членка.

Премиерот Заев го информираше Генералниот секретар на НАТО за резултатите од лидерската средба кај претседателот Пендаровски, и за заеднички договорената согласност за организирање предвремени избори на 12 април идната година.