Средба на вицепремиерката Арифи со делегацијата од Европскиот парламент, предводена од Мартин Кастлер
Европската агенда на Република Македонија со нова динамика која се поврзува со процесот за отворање дијалог за поглавјата 23 и 24 кои ги покриваат деловите за реформите за кои постои заеднички интерес, беше во фокусот на разговорите на денешната средба на заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски пршања Теута Арифи со делегацијата од Европскиот парламент, предводена од Мартин Кастлер.
Посетата на европарламентарците, меѓу кои и пратениците Ричард Ховит, Едуард Кукан и Алојз Петерле, членови на групата „Пријатели на Македонија“, како што потенцира Арифи, има можност да даде нов поттик и нова динамика на европските процеси кои се значајни за сите нас.
Европратеникот и известувач за Македонија, Ховит изрази огромно задоволство од заложбите на вицепремиерката односно од Владата за исполнување на дијалогот на високо ниво со ЕУ и надеж дека тој успешно ќе заврши.
На новинарско прашање дали посетата на делегацијата од Европскиот парламент, случајно се совпадна со посетата на медијаторот Метју Нимиц, вицепремиерката Арифи нагласи дека се работи за случајност.
- Проблематиката што ги држи европските и НАТО процесите е проблематика за која секогаш се разговара, но заеднички истакнавме дека се надеваме оти мисијата на медијаторот Нимиц ќе биде успешна и ќе даде нова динамика и можности и за Република Македонија и за регионот, изјави Арифи.
Европратеникот Ричард Ховит се надева дека, како што подвлече, ќе можат дадат поддршка за изнаоѓање праведно и фер решение за прашањето за името.
- Утре ќе ги слушниме ставовите на премиерот Никола Груевски и на министерот Никола Поповски, кои ќе можат да ни дадат ново светло за изнаоѓање решение и давање поддршка за овој процес, изјави Ховит.