Министерот Бесими го отвори купот на АРМ во Биатлон во Крушево
Министерот за одбрана Фатмир Бесими денеска во Крушево, го отвори јубилејниот десетти куп на АРМ во Биатлон.
Свеченото отварање на десеттиот куп во Биатлон се одржа на плоштадот во Крушево, каде покрај министерот Бесими присуствуваа и градоначалникот на Крушево Василчо Дамчески и командантот на 2. механизирана пешадиска бригада (мпбр) бригаден генерал Методија Величковски.
Министерот Бесими пред натпреварувачите го нагласи значењето на Биатлонот како исклучително сложена спортска дисциплина на нордиското скијање, која од војниците покрај физичката кондиција, бара и примена на воено-стручно знаење и вештини. Тој во оваа прилика го истакна задоволството што во редовите на АРМ се наоѓаат најдобрите репрезентативци во Биатлон во Република Македонија, кои постигнуваат врвни резултати со олимписки норми.
На првиот ден од купот на скијачките терени за Биатлон кај Мусица, се одржа натпреварот во поединечно трчање - спринт на 7,5 километри на кое учество зедоа натпреварувачи од екипите на 2.мпбр, полкот за специјални операции, Скијачката федерација, како и клубот „Олимпик ски“ од Крушево.
Победник во оваа дисциплина е професионалниот војник (пфв) Дарко Дамјаноски од 2.мпбр со време 27:17, второто место го освои пфв Ѓоко Ицоски од 2.мпбр со време 27:35, а третото место го освои Соте Андрески со време 28:50 од екипата на Скијачката федерација.
Утре, на програмата е патролно трчање во Биатлон на 7,5 километри во кое ќе учествуаат истите екипи.