Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и министерот за здравство д-р Венко Филипче, учествуваа на настан за промоција на меморандумот за соработка меѓу Министерството за здравство и компаниите Пивара Скопје и Кока-Кола преку Роса, со кој продолжува на проектот „Роса школи за родителство“ и во 2020 година на кој беа најавени 3 нови Роса школи кои ќе бидат завршени до крајот на оваа година.
Премиерот Заев истакна дека Пивара Скопје е фирма која негува сериозна општествена одговорност, потсетувајќи дека благодарение на оваа иницијативата на граѓаните во нашата земја ќе им бидат ставени на располагање вкупно 9 „Роса школи за родителство“.
„Ја поздравувам аспирацијата покрај школите за родителство во Скопје, Гостивар и Битола, да бидат отворени и во Струмица, Охрид и Куманово. Знам дека се планираат да се отворат уште три нови школи за родителство во 2020 и го поздравувам меморандумот со кој продолжува соработката меѓу Министерството за здравство и Пивара Скопје“, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата Заев ја истакна и поддршката за новата капитална инвестиција, вредна 10 милиони евра што ја најави генералниот директор на Пивара Скопје, Дан Тимотин.
„Ние сме земја која е фокусирана на економијата и знам дека проектот „Роса школи за родителство“ е исклучително важен за децата и родителите, сепак знам колку е важна и капиталната инвестиција со која технолошки се развива Пивара Скопје. Со таа инвестиција се развива и нашата држава, и Пивара Скопје може да смета и понатаму на нашата поддршка затоа што ние сме тука да им служиме на граѓаните, но и на компаниите“, истакна премиерот Заев.
Министерот за здравство, Филипче изрази благодарност за проектот и успешната соработка.
„Сакам да изразам голема благодарност затоа што означуваме продолжение на еден навистина успешен проект, којшто даде на некој начин една нова димензија во означувањето и поддршката на мајчинството преку организирање на овие родителски школи.Во овие школи за родителство со помош на искусни педијатри, медицински сестри, идните родители учат како да се справат со секојдневните предизвици што ги носат со новите улоги како идни мајки и татковци“, рече министерот Филипче.