Тодоров најави тендер за набавка на апарати за дијализа
Министерството за здравство најдоцна за две недели ќе објави тригодишен тендер за набавка на апарати за дијализа и се што е потребно за дијализа вреден над 20 милиони евра.
- Во последните два-три месеци интензивно работиме на подготовка најголем тендер за дијализа по принципот на тендерот којшто го спроведовме за леќите. Тоа ќе биде една централизирана набавка за се што е потребно за дијализа. Како резултат на таа набавка ќе бараме да бидат обезбедени определен број апарати за дијализа кои ќе бидат инсталирани онаму каде што е најголем ризокот од заразни болести или несакани случаи, изјави министерот за здравство Никола Тодоров по пуштањето во употреба на лабораторија за остеодензитометрија во Заводот за физикална медицина и рехабилитација во Скопје.
Тодоров информира дека во Градската болница 8-Ми Септември е во завршна фаза реконструкција на простор за дијализа кој, како што рече, сериозно ќе ја подобри состојбата на болните во Скопје и во околината.
Во рамки на тендерот и активностите кои се спроведуваат, според Тодоров, има и други поткомпоненти кои треба да овозможат проширување или можеби централизирање на центрите за дијализа заради подобра состојба, апаратура и екипираност со кадар.
- Тоа е една студија на која работиме заедно со ИФЦ од Светската банка и сметам дека таа за месец-два ќе биде готова и ќе имаме друг правец на развој на оваа дејност, наведе Тодоров.
Со активностите што ќе се преземат, како што најави, треба да се надминат проблемите со старите апарати и високите цени за набавка на материјали, а кои се коментирани во јавноста повеќе од десет години.
- Одиме со два пристапа. Првиот ќе ни биде да обезбедиме поевтини материјали и на тој начин да направиме определена заштеда на средства која ќе ја намениме за подобрување на состојбите во здравството особено во делот на дијализата, а вториот аспект е нов начин на функционирање на центрите за дијализа со една друга методологија што ја развиваме со ИФЦ, појасни министерот за здравство.
Според него, кон средината на следната недела треба да биде закажана електронската аукција за тендерот за набавка на амбулантски возила за кој заврши евалуацијата. Пристигнале пет-шест понуди, но две биле одбиени на првичната евалуација затоа што банкарската гаранција им била пониска од законски пропишаната вредност. За закажување на терминот на аукцијата се чека одговор од Царинската управа дали возилата ќе бидат ослободени од надоместот за акциза.
- Доколку треба да се плати акциза за возилата тоа ќе се направи, а доколку не за тоа ќе бидат известени сите оние кои ќе учествуваат на електронската аукција затоа што тоа е ценовно чувствителна информација. Практично го чекаме одговорот од Царинската управа за потоа да ја закажеме аукцијата. Како што е сега поставено мислам дека акцизата им е пресметана, но доколку не треба да се плати очекувам да се намали посериозно цената, наведе Тодоров.