Средба на премиерот Заев со Независниот синдикат на пожарникари: Обезбедени се пари за платите на пожарникарите како овластени службени лица од областа на безбедноста, а ќе има и зголемување во 2020 година, Владата влезе во решавање на наследеното прашање

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од посебната советничка за правда, Тања Чачарова Илиевска, се сретна со претставници на Независниот синдикат на пожарникари на РСМ, предводени од претседателот на Синдикатот, Тони Бошковски, во присуство на претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

На средбата е разговарано за актуелни прашања во врска со пожарникарската дејност и можностите за решавње на наследениот проблем со исплата на плати и нивелирањето на платите на пожарникарите, во различни општини, согласно законските регулативи.

Премиерот Заев им соопшти на пожарникарите дека се обезбедени финансиски средства за плати на сите пожарникари согласно закон, како овластени службени лица од областа на безбедноста и има зголемување на средствата за плати на пожарникарите за 70 милиони денари, за 2020 година.

На средбата е констатирана потребата од донесување подзаконски акти, правилници, за исплата на платите на пожарникарите, заради унифицираност на исплатата согласно законските прописи.

За таа цел, премиерот Заев најави работни средби со ресорната министреката за одбрана, Радмила Шекеринска и ЗЕЛС.

Денешната средба е оценета како добар основ за утврдувањето трајно решение за прашањето.