Децата од малите групни домови од поранешните институции „11 Октомври“, „25 Мај“ и „Ранка Милановиќ“ денеска предновогодишно се дружеа со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
На неформалното дружење децата пееја, играа и раскажуваа како им е исполнет денот во новите домови коишто тие ги нарекуваат дома, но раскажуваа и кои им се соништата кои сакаат да ги остварат.
При тоа добија и новогодишни подароци од Владата, а како благодарност за гостопримството на претседателот на Владата и на министерката Царовска им подарија фотографии коишто сами ги фотографираа на фото сафари како дел од едукативна работилница за фотографија.
„Бескрајно сме среќни и благодарни што имаме прилика да ја посетиме Владата. Ова се за случува првпат поради што сме многу возбудени“, рекоа воспитувачите од малите групни домови.
Претседателот на Владата на дружењето рече дека со отворањето на малите групни домови целосно е променет концептот за грижа кон децата во Северна Македонија.
„Сакам да ви кажам дека сме тука, стоиме зад вас, вие сонувајте и остварувајте си ги сите соништа кои сте ги зацртале, наша света задача е да ве поддржиме и да ви помогнеме во остварувањето на вашите соништа“ им посака премиерот Заев на децата.
„Најважно од се е вистински да го слушнеме гласот на секое дете. Да им помогнеме, да ги поддржиме, бидејќи само со слушање на гласот на децата ние ги поставуваме темелите врз кои треба да ги креираме идните политики. Заеднички да изградиме општество во кое нашите млади ќе сакаат да живеат, каде ќе можат безбедно и среќно да растат, да се развиваат и да успеваат“, рече премиерот Заев.
Министерката Царовска рече дека децата се непроценлив потенцијал за развојот на една држава и затоа оваа Влада овозможува секое дете да расте и да го развива својот потенцијал којшто е значаен за општеството.
„Ова е преемотивно за мене. Вие сте нашата гордост!“, истакна министерката Царовска.
Низ песни и креативни точки, децата го пресликаа своето секојдневие и раскажаа за своите таленти.
„За секое дете – љубов затоа што ништо друго на светот не е поважно од децата и ниту едно дете не смее да страда и да живее во страв. Деца кои добиваат поттик во својот развој, деца кои веруваат во себе, кои се истрајни, емпатични, и кои учат и откриваат нови нешта, знаат како да се справат со разочарувањата,. Тогаш ние создаваме просперитет, како и понапредни, посилни, поуспешни и побезбедни општества”, рече Царовска.
По дружењето во медија центарот, децата имаа можност да ја разгледаат Владата. Премиерот ги однесе во неговиот кабинет, ја видоа и салата за седници на Владата, по што премиерот ги угости во својот кабинет како и свечената сала.
Во салата за седници, децата ги „презедоа“ улогите на министрите, и заедно со премиерот Заев и министерката Царовска „изгласаа“ едногласна одлука на “детската Влада на Република Северна Македонија“ а таа гласеше „сите деца во нашата земја треба да се среќни!“
Со процесот на деинституционализација Министерството за труд и социјална политика една година порано од планираното успеа да ги извади сите деца од институции. Досега низ цела држава се отворени вкупно 22 групни домови во коишто во атмосфера налик на семејната живеат 180 деца. Министерството за труд и социјална политика продолжува посветено да се грижи за секое дете и да ја јакне јавната свест за потребата, значењето и користа од процесот на деинституционализацијата.