За бескомпромисна борба против корупцијата ја подигнавме отчетноста и транспарентноста на институции на извршната власт, која треба да биде зајакната и со независно, транспарентно и отчетно судство и обвинителство, со непартизирана антикорупциска комисија.
Владата на Република Северна Македонија останува да се раководи од ставот дека отворените податоци се силен поттик и дополнително го јакнат доброто управување, транспарентноста, интегритетот и со јавното учество на граѓаните и другите засегнати страни во креирањето на политиките.
Сите реформи што беа преземени и што се спроведуваат се во насока на создавање силни и независни институции и механизми за борба против корупцијата, сѐ со цел да се врати довербата на граѓаните во институциите на системот.
Во таа насока имаме сериозни остварувања и резултати.
Според последното истражување на „Action SEE“ за транспарентност, отвореност и отчетност на извршната власт во регионот на Западен Балкан објавено минатата година, Владата на Република Северна Македонија, заедно со Црна Гора се издвојуваат во регионот според индексот на отвореност, кој изнесува 78% во однос на исполнување на индикаторите.
Трендот е растечки во последните две години и донесе пресврт во рангирањето на нашата земја, ако се знае дека во 2016 година бевме на последното место со само 52% исполнети индикатори.
Донесовме законска регулатива која на Државната комисија за спречување на корупцијата – од започнувањето со функционирање во новиот состав минатиот февруари, ѝ создаде солидно досие на покренати случаи, вклучително и покренати иницијативи за утврдување на кривична одговорност за актуелни носители на јавни функции како и поништени решенија за вработување.
На 17 јануари ДКСК ја донесе петгодишната национална стратегија за спречување на корупција чии цели се зголемување на нивото на политичка одговорност, спречување на политичкото влијание, јакнење на интегритетот и транспарентноста при вработување во јавниот сектор кое треба да се базира на квалитет, јакнење на надзорните и контролните механизми и намалување на корупцијата во јавните набавки и доделувањето на грантови.
Минатата година усвоена е Стратегијата за транспарентност на Владата на Република Северна Македонија за периодот 2019-2021 година, со Акциски план, за унапредување на амбиентот за транспарентност и доверба во работата на институциите.
Со порталот „Отворени финансии“ оваа влада го отвора државниот Трезор на Министерството за финансии, и на увид на јавноста ги става сите минати, сегашни и идни финансиски трансакции, на буџетските корисници од Буџетот на Република Северна Македонија. Сите идни ќе се прикажуваат на секои 15 дена.
За прв пат во политичката пракса во нашата земја, Владата е таа што, самоиницијативно, го стави на најотворен, најтранспарентен начин, своето финансиско работење.
Многу малку земји можат да се пофалат дека имаат воведено ваква алатка која им овозможува на граѓаните да имаат увид во приходната и расходната страна на Буџетот во секое време.
Поттикнати од начелото за транспарентно и отчетно трошење на државните средства, односно на парите на граѓаните, порталот „Отворени финансии“ го отвора патот на граѓаните, експертските и граѓанските организации за транспарентен увид во трошењето на народните пари и отвора широка можност за сугестии и предлози за учество на граѓаните и за креирање подобри политики во менаџирањето на буџетот на граѓаните.
Отворање на трезорот и сите податоци во него, е една од најголемите мерки во насока на намалување на корупцијата и неправилностите во работењето на државните институции, како и штедење на парите на граѓаните.
Преку порталот „Отворени податоци“ го овозможивме максимално учеството на граѓаните при креирањето на политики и при анализа на испорачаните резултати. Со еден збор, преку порталот за отворени податоци ја качивме транспарентноста и отвореноста на институциите на едно повисоко ниво.
Пред две години, за прв пат во политичката историја на Република Северна Македонија, Владата, самоиницијативно, на увид на граѓаните ја стави можноста да го следат и анализираат трошењето на средствата на граѓаните од страна на владините функционери.
Владата на Северна Македонија креира и спроведува политики што нѐ приближуваат кон отворени и транспарентни општества, и на отворени ресурси достапни за сите. Бројките на отворени и затворени случаи, како и бројот на високи функционери чии имоти и начин на работа беа и се предмет на истражување на институциите (пред сѐ на ДКСК) покажува дека правецот во кој се движи државата кога е борбата против корупција во прашање, е добар и среднорочно и долгорочно вродува со плод. Работата исто како и имотот на функционерите е под лупа како никогаш досега.
Владата на Северна Македонија останува посветена на реформите во полето на борба против корупција, и ќе продолжи со имплементација на механизмите кои овозможуваат правично функционирање на системот.