Претседателот на Владата на Република Северна Македонија заедно со заменик претседателот на Владата, надлежен за европски прашања Бујар Османи и министерот за локална самоуправа Дејан Милевски и владини претставници од Косово и припадници на царинската управа и институции чија надлежност се граничните премини од двете страни присуствуваше на отворање на новиот граничен премин меѓу Северна Македонија и Косово, Белановце-Станчиќ.
Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Спасовски:
„Денеска присуствуваме на настан кој претставува нов, значаен момент за нашите народи и за односите меѓу Северна Македонија и Косово.
Го прогласуваме за отворен граничниот премин Белановце – Станчиќ како уште една карика во поврзувањето меѓу Северна Македонија и Косово. Завршивме проект кој дава важна политичка димензија за уште еден пробив напред на и онака исклучително добрите односи помеѓу Република Северна Македонија и Република Косово.
Резултат на добрите односи меѓу нашите две земји е и успешната завршница на овој граничен премин. Граничниот премин е доказ за добрата волја и за заедничка работа и посветеност во интерес на граѓаните од двете страни на границата на овој регион.
Ќе се олесни меѓусебната комуникацијата на граѓаните на општините Липково и Гнилане, како и меѓу соседните општини. Тоа е добар предуслов за зголемување на трговската размена и економската соработка во регионот. Граничниот премин и олеснетата комуникација е одличен потенцијал за развој на бизнис врските и за економски напредок на локалните заедници во овој регион каде што се поврзуваат Северна Македонија и Косово.
Заедничкото дејствување во надминување на предизвици прифатени од двете страни, со цел промовирање на добрососедските односи, негување на стабилноста, безбедноста и просперитетот, како и охрабрување на хармоничниот, урамнотежен и одржлив развој, е суштината и на ИПА програмата на Европската Унија за прекугранична соработка.
Зад успехот на овој проект стои интензивната соработка на релевантните институции од двете држави, како и огромниот придонес што го дадоа Делегацијата на Европската унија во Скопје и Канцеларијата на Европската унија во Приштина.
Во таа насока упатувам и благодарност за учеството на двете канцеларии на ЕУ во Скопје и Приштина, како и за финансиската поддршка за реализацијата на проектот од даноците на граѓаните на Европската Унија, што треба да се земе и како факт за целосната поддршка за европските амбиции на двете земји.
Република Северна Македонија и Република Косово имаат позитивни и конструктивни билатерални односи и соработка на сите нивоа. Настаните како денешниот, и сите слични проекти што не поврзуваат помагаат да ги унапредуваме и продлабочуваме нашите меѓусебни односи.
Силно верувам дека билатералните односи меѓу двете земји дополнително ќе се зајакнат и интензивираат, во областите од заемен интерес и ќе добијат нова енергија и динамика.
Ја подобруваме инфраструктурната мрежа меѓу двете земји. Започна изградбата на една делница од автопатот Блаце-Скопје.
Северна Македонија и Косово се дел од повеќе иницијативи за регионална соработка. Регионалната соработка е еден од клучните приоритети на надворешната политика на Владата на Република Северна Македонија, а градењето добри односи со сите соседи е нашата стратешка цел.
Нашиот пристап во овој процес е многу отворен, конструктивен и искрен и тоа направи да немаме ниту едно отворено прашање со соседите.
Како регион, ќе успееме ако работиме и соработуваме заедно.
Регионалната соработка е една од причините и за наклонетоста на Европската Унија и на нејзините земји-членки за поддршка и охрабрување на државите од регионот со европски амбиции. Таа поддршка е клучна.
Северна Македонија и Косово го имаат потврдено и прифатено заедничкиот интерес за заедничка координација меѓу двете земји во рамките на активностите поврзани со ЕУ, како и за заедничко учество во нејзините финансиски тела и фондови во оваа фаза на предпристапниот процес.
Впрочем, граничниот премин Белановце – Станчиќ е резултат токму на таа заедничка координација.
Нашата иднина е соработката, нашата заедничка цел се добрите односи, благосостојбата на граѓаните на двете земји и членството во Европската унија.
Тоа е добар избор, тоа е добра перспектива за двете земји.
На крајот сакам да се заблагодарам, на сите кои учествуваа во реализацијата на целиот овој проект. На поддршката од Европската Унија, на оваа Влада, на претходната Влада предводена од претседателот Зоран Заев, за динамиката која што се даде на реализација на овој проект. И морам да истакнам дека навистина сум среќен што токму во мандатот додека бев министер за внатрешни работи и потпретседател на Владата, го започнавме со градба овој значаен проект. Денеска, како претседател на Владата учествувам на отворањето на овој граничен премин Белановце-Станчиќ, којшто многу години го зборуваме а денеска имаме среќа заедно да го отвориме и да го реализираме како проект.
Среќен сум што после многу години, успеавме токму сега, оваа Влада да потпише спогодба за отворање на граничниот премин Миратовце-Лојане. И тоа ќе го реализираме затоа што сме посветени за добра соработка за меѓусебна соработка меѓу општините, за зближување на граѓаните и за перспектива на целиот овој регион.
Им честитам на сите кои што ќе работат на овој граничен премин, полициските и царинските службеници. Меѓутоа најмногу на сите граѓани на општините Куманово, Липково, Гнилане, генерално на граѓаните на Северна Македонија и на Косово и да имаат навистина добра соработка, развој на овој регион и да видиме корист од целиот овој проект. Нека е со среќа!