Дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ и градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски ја посетија новата канцеларија за социјални работи во општината.
„ Изминатите две и пол години работевме на прилагодување на системот на социјална заштита на потребите на граѓаните. Овие канцеларии се резултат на грижата за секој граѓанин на едноставен и достапен начин да побара социјална помош или било кое друго право од системот на социјална заштита. Социјалната реформа значи промена на пристапот до граѓаните, грижа за секој граѓанин подеднакво”,рече Шкријељ.
Градоначалникот Мицевски ги повика граѓаните за сите проблеми од областа на социјална заштита да се обратат во новата општинска канцеларија за социјални работи.
"Општината и оваа година работи по усвоената Програма за социјална заштита. Во исто време, оваа општина е една од првите во која се формираше Совет за социјална заштита, со цел да овозможи институционално решавање на проблемите", изјави градоначалникот Мицевски.
Општина Крива Паланка во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги ќе добие и нова градинка во која згрижувачкиот и воспитно-образовниот процес ќе се реализира за 100 деца. Со цел да се обезбеди квалитетна услуга за згрижување на децата, што е важна компонента во раниот детски развој и истовремено овозможува активација на родителите на пазарот на труд, МТСП во буџетот за 2020 година издвои 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градинки, а изминатите две и пол години беа инвестирани над 180 милиони денари. Дополнително, 15 милиони евра се обезбедени од Светска банка за отворање нови капацитети за згрижување на деца, со што во следните 4 години ќе бидат отворени 7.500 места за деца во градинките а опфатот на деца во предучилишно образование ќе се зголеми на 60 %.