Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски придружуван од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и други владини претставници, денеска, по повод православниот празник Св. Трифун, присуствуваа на традиционалното закројување на лозовите насади на локацијата „Лепово“.
Традиционално владината делегација учествуваше во закројување на лозјето на винарската визба Тиквеш, на локацијата Лепово. Денешниот ден е голем празник за лозарите, и го претставува почетокот на новата производствена лозарска година.
Министерот Димковски посочи дека производството на грозје и вино има огромна традиција на опстојување на балканските простори, а посебно во нашата земја, додавајќи дека изминативе две и пол години, ресорното министерство, интензивно работеше на развојни мерки за оваа наша стратешка гранка.
„Нашите мерки за развој на винската индустрија веќе даваат позитивни резултати, Република Северна Македонија станува препознатлива по производството на квалитетно вино, што не етаблира како винска земја. Вкупното производство на вино се движи од 115-125 милиони литри, од кои приближно 80 милиони литри завршуваат на пазарите надвор од РСМ, од што годишниот девизен прилив изнесува околу 50 милиони евра. Македонските вина прават сериозен пробив на европските и странски пазари и тоа е добро за нашата економија и за афирмација на нашата земја. Расте извозот на вино во шише, а паралелно и наградите за македонските вина на меѓународните саеми“, изјави министерот Димковски.
Димковски потенцираше дека во изминатите две и пол години Владата, покажа голема грижа за лозарите и за решавање на проблемите со кои тие се соочуваат. Навреме, пред почетокот на новата производствена реколта и оваа година лозарите ги добија субвенциите за одржување на лозови насади, а минатата година се реши и долгогодишниот проблем на лозарите коишто не ги имаа добиено парите од предаденото грозје во дел од винарниците во периодот 15-ти август 2014 до 15-ти ноември 2016 година.