Мини извештајот на Европската Комисија во кој се констатира значаен напредок на Република Северна Македонија во утврдените реформски области е добра најава за почеток на преговорите на Европската Унија со земјата, беше оценето на средбата, на која претседателот на Владата Оливер Спасовски ја поздрави делегацијата на Министерството за надворешни и европски работи на Република Хрватска, предводена од министерот Гордан Грлиќ Радман, која што денеска престојуваше во еднодневна посета на нашата земја.
Премиерот Спасовски на средбата истакна дека посетата на делегацијата на хрватското Министерство за надворешни и европски работи на нашата земја токму на денешен ден е израз на големата поддршка што Република Хрватска ѝ ја дава за цело време на процесот на интеграциите во Европската Унија на Северна Македонија.
„Северна Македонија покажа дека е кредибилен партнер кој за време на целиот евро-интегративен процес ги исполнуваше своите обврски, ги испорача сите очекувани реформи и обврски, и дека тоа ќе и даде доволно силни аргументи на Хрватска, како актуелен претседавач со ЕУ, успешно да го менаџира процесот за одлучување во периодот пред нас. За нас е исклучително важно, после најновиот позитивен извештај на Европската Комисија, одлуката за почеток на преговорите да биде донесена што поскоро“, нагласи претседателот на Владата Спасовски на средбата со министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, и актуелен претседавач со Советот на ЕУ.
Министерот Гордан Грлиќ Радман на средбата истакна дека во нашата земја допатувал со делегација од Министерството за надворешни и европски работи на Република Хрватска во која се најдобрите и искусни познавачи на процесот на преговори со ЕУ. Тој изрази уверување дека посетата на хрватската делегација не е само симболичен гест на поддршка, туку конкретен придонес за пренесување на хрватското знаење и искуство во процесот за да се постигне успешен напредок и затворањето на поглавјата во преговорите со ЕУ.
На средбата беше искажана заедничка согласност дека постои интерес исклучителните позитивни односи меѓу двете земји да напредуваат особено во делот на економската соработка и трговската размена за да се искористат традиционално добрите односи меѓу деловните заедници на двете земји.