Преку ИПАРД гилотина до едноставно аплицирање за ИПАРД средствата
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку т.н. ИПАРД гилотина ќе ги поедностави постапките за поднесување барања за средства од европските претпристапни фондови.
Оваа програма, како што најави денеска ресорниот министер Љупчо Димовски, веќе се подготвува, а целта е да се елиминираат сите „критични точки“ кои се проблем за земјоделците при обезбедувањето на потребната документација и аплицирањето. Токму упростените процедури ќе овозможат полесно добивање на ИПАРД средствата.
- Малиот број мерки од една страна и многу високите критериуми според ЕУ стандардите од друга се уште се клучниот проблем за максимално искористување на ИПАРД средствата. Министерството во изминатиот период вложи огромен напор да ја поедностави постапката за што се направија и одредени измени во Законот за земјоделско земјиште, истакна Димовски по состанокот на раководителите на телата за управување со ИПАРД од земјите на ЈИЕ.
Тенденција на Министерството е да се искористат сите пари од ИПАРД Програмата. Нивното повлекување има одреден рок кој ќе потрае, но битно е и мора, рече Димовски, да се поднесуваат добри, издржани проекти. Засега најголем интерес за ЕУ средствата има во преработувачкиот сектор, за доопремување ладилници, проширување на погони и капацитети, како и во фармерството, особено за одгледување свињи.
Македонија од септември најверојатно ќе може да користи средства од ИПАРД фондовите и за набавка на земјоделска механизација. Сигналите од Брисел на ова наше барање се позитивни.
- Како аргумент на нашето барање до Европската комисија ќе ја доставиме Студијата за состојбата на земјоделската механизација во Македонија што ја изработи Техничкиот факултет во Битола. Студијата претходно ќе оди и на дополнителна авторизација на Биотехничкиот факултет во Љубљана, рече министерот.
На денешниот состанок во Скопје, Македонија, како годинашен претседавач со Постојаната работна група за регионален рурален развој (SWG), ќе ги сумира предлозите од државите во ЈИЕ за што поефикасно и поголемо искористување на претпристапните ЕУ фондови. Во форма на заклучоци тие потоа ќе бидат доставени на разгледување во Брисел.
Една од сугестиите ќе биде да се прошири листата мерки во ИПАРД Програмата кои засега се вкупно девет и уште на почеток, мерката техничка помош да се акредитира меѓу првите за да се избегнат проблемите во спроведувањето на ИПАРД кои секако постојат.
- Искуството покажа дека Европската комисија сака да го слушне регионот, да ги слушне проблемите, успесите и сугестиите за подобрување на регулативите за подобро искористување на средствата од земјите аспиранти за влез во Унијата, посочи министерот Димовски.
Според Бобан Илиќ од SWG, многу е важно што и земјите кандидати и потенцијалните кандидати за членство во ЕУ во наредниот период ќе можат да користат средства од ИПАРД. Постигнато е разбирање со ЕУ дека реформите во земјоделството не се зависни од статусот на државата во односот на евроинтеграциите и дека целиот регион треба да се придвижи напред.
Освен Македонија, ИПАРД средствата недоволно ги користат и други земји меѓу кои Хрватска и Турција. Проблемот, рече Илиќ, не е домашен, туку треба да се подигне на повисоко ниво.
Во ЕК веќе се подготвува регулативата за имплементација на ИПАРД 2014 - 2020. Затоа, беше речено на состанокот, сега е моментот земјите од ЈИЕ да ги договорат своите позиции и забелешки во однос на спроведувањето на ИПАРД Програмата.