Министерството за труд и социјална политика ги повикува сите вработени и сите работодавачи строго да се придружуваат до мерките кои Владата на Република Северна Македонија ги донесе на седницата одржана на 10.03.2020 за превенција од ширење на болеста COVID-19 (корона вирус).
Секое непочитување на препораката за ослободување од работни обврски на еден од родителите на деца до 10 годишна возраст да се пријави во Државниот инспекторат за труд на телефонскиот број 151 31.
Отсуствата од работа ќе се докажуваат со потврди кои ќе ги издаваат градинките и основните училишта, на име на родителот корисник на мерката за ослободување од работа поради грижа за дете со навршена возраст до 10 години, во кои ќе биде наведен и временскиот период за кој се однесува.
Истите ќе треба да се достават до секторот за управување со човечки ресурси или раководителот/директорот на институцијата/компанијата во која работи, до терминот за пресметка на следната плата.
Во однос на прекинот на работата на дневните центри за згрижување на лица со попреченост, укажуваме дека ослободувањето од работни активности на родители на деца/лица со попреченост е проширено на родители на деца и млади и над 10 годишна возраст. Родителите е потребно по истиот принцип наведен погоре да достават потврда дека лицето е корисник на услугата дневен центар за лица со попреченост.
Уште еднаш апелираме до сите граѓани да се придржуваат до препораките, само заеднички можеме да се заштитиме и да го заштитиме заедничкото здравје.