ТВ Училница, образовна тв програма за деца во живо на НРТ

Од вчера, 16.03.2020 со почеток во 10:30 часот на НРТ стартуваше проектот „ТВ Училница“ на македонски, албански и турски јазик, изработен од страна на ОХО и НРТ во соработка со УНИЦЕФ и Министерство за образование и наука на Република Северна Македонија.

Овој концепт има за цел да овозможи своевиден континуитет на образовниот курикулум за времетраењето на превентивните и заштитни мерки кои се на сила во нашата држава, а согласно кои образовните институции не работат.

На овој начин, ОХО користејќи ја едукативната платформа „5+“ ќе се обиде делумно да надомести за изгубените воспитно-образовни училишни часови, но што е уште поважно - да одржи континуитет и да ги унапреди работните навики на учениците, да демонстрира алтернативни видови на учење, односно воспитување и образување на децата во домашни услови, да ги поттикне на самоиницијативност и љубопитност во учењето, како и повторно да ја потенцира моќта на телевизискиот медиум и популарната култура кога се ставени во функција на јавниот интерес, а особено на благосостојбата на најмладите генерации.

Целокупните капацитети на нашата продукција се ангажирани и во целост насочени кон реализација на оваа програма. Изразуваме благодарност до просветните работнички и работници кои одговорија на повикот и веднаш се вклучија во реализацијата. ТВ Училница продолжува со работа, секој работен ден од 10:30 часот на каналите на НРТ, и тоа на македонски, албански и турски јазик, а јавноста и граѓаните ќе бидат редовно и континуирано информирани.