ЈАВЕН ПОВИК за интервентна набавка на заштитни маски со цел спречување на последиците од корона вирусот (COVID 19) за време на вонредната состоба
I. ПРЕДМЕТ
Предмет на овој јавен повик е интервентна набавка на заштитни маски со цел спречување на последиците од корона вирусот (COVID 19) за време на вонредната состоба.
Маските треба да бидат изработени од материјал погоден за производство на заштитни маски на понудувачот или од материјал погоден за производство на заштитни маски обезбеден од Владата на Република Северна Македонија.
II. ПРАВО НА УЧЕСТВО
Право на учество на јавниот повик имаат сите домашни производители кои ги исполнуваат условите од овој повик.
III. УСЛОВИ ЗА УЧЕСТВО
Економските оператори треба да ги исполнуваат следните услови и тоа:
- испорака на најмалку 2000 маски дневно;
- маските треба да бидат за повеќе употреби и треба да може да се перат
- испораката да се врши за период на траење на вонредната состојба, на различни локации во Скопје;
- единечната цена по маска да изнесува максимум 40 денари плус данок на додадена вредност за маските изработени од материјал за изработка во сопственост на економскиот оператор;
- единечната цена по маска да изнесува максимум 25 денари плус данок на додадена вредност за маските изработени од материјал обезбеден од страна на Владата на Република Северна Македонија;
- за материјалот од кои ќе се изработуваат заштитните маски потребно е да се поседува соодветен сертификат за квалитет издаден од страна на овластена лабораторија
IV. НАЧИН НА ДОСТАВУВАЊЕ НА ПОНУДАТА
Понудите да се достават во затворен плик, по пошта или лично до архивата на Договорниот орган на следната адреса: Влада на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, бул. „Илинден“ бр.2, 1000 Скопје.
V. РОК НА ДОСТАВУВАЊЕ НА ПОНУДИТЕ
Јавниот повик ќе трае 24 часа од моментот на неговото објавување на веб страната на Владата на Република Северна Македонија, односно понудите да се достават најдоцна до 26.03.2020 година до 15.30 часот. Понудите кои нема да бидат доставени во предвидениот рок нема да бидат разгледувани.
VI. ОЦЕНУВАЊЕ НА СПОСОБНОСТ НА ПОНУДУВАЧИТЕ
Комисија составена од 3 (три) члена од редовите на Генералниот секретаријат ќе извршат оценување на способноста на понудувачите согласно бараните услови во повикот и ќе предложат избор до Одговорното лице.
Економскиот оператор кој ќе достави понуда и ќе склучи договор, доколку не го исполни предметот на набавката според квалитет и квантитет ќе добие негативна референца за учество на јавни набавки.
VII. ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИИ
За дополнителни информации понудувачите може да се обратат до Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат на телефон 02/3118-022.