Седум припадници на Армијата на Република Северна Македонија кои се дел од НАТО мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан утре ќе се вратат во нашата земја.
Нивното враќање ќе се реализира со специјален лет на хрватската компанија „Croatia Airlines“ организиран од Владата на Република Хрватска со цел враќање на нивните 11 припадници во меѓународната мисија во Авганистан.
Припадниците на Армијата на Република Северна Македонија се очекува утре во вечерните часови да пристигнат и потоа да бидат транспортирани до нашата земја. По нивното пристигнување согласно препораките од Владата и од Министерството за здравство ќе бидат упатени во двонеделен карантин кој е задолжителен за сите граѓани кои се враќаат од странство.
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска се заблагодари на министерот за одбрана на Република Хрватска, Дамир Крстичевиќ за заедничкиот настап и помошта при враќањето на нашите војници. Двајцата министри заклучија дека грижата и здравјето за припадниците на армиските сили е приоритетна во овие моменти.
Дел од нашата постоечка ротација во НАТО мисијата во Авганистан порано ќе се врати во Република Северна Македонија поради генералното намалување на силите на Алијансата, вклучително и на турскиот контингент во кој учествуваме, во овој период.