Спасовски во честитката по повод Велигден до верниците од Католичката црква: Во мирот и спокојството на домот да го поминеме празникот со кој ја славиме победата над смртта и да излеземе посилни и подобри

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, во писмо до монсињор д-р Киро Стојанов, бискуп скопски и апостолски егзарх на Католичката црква во нашата земја, нему и на верниците од католичката вероисповед им го честиташе големиот христијански празник Велигден.

Премиерот Спасовски во писмото вели дека годинава еден од најсветлите празници го славиме во изолација како подвиг на секој од нас пред искушенијата кои на светско ниво ги донесе пандемијата на коронавирусот КОВИД-19.

„Овој празник го означува крајот на патувањето низ страдањата Христови“, пишува премиерот Спасовски до верниците на Католичката црква по повод Велигден, „од нас годинава се очекува да понесеме саможртва за доброто на сите овие денови да ги славиме во изолација за да се заштитиме себеси и ближните. Во мирот и спокојството на домот да ја победиме смртта и да преминеме во нова иднина“.

„Со воскреснувањето на Исус Христос, се случи нешто навистина ново, нешто што ја промени состојбата на човештвото и светот и стана сила на надеж за победа над сите човечки ситуации на страдање и неправда“, се вели во честитката на Спасовски по повод празникот Воскресение Христово - Велигден.
„Годинава се соочуваме со непознат и моќен непријател, кој ги искушува нашиот и животите на нашите блиски. Но, уверен сум дека од празникот со кој ја славиме победата над смртта сите ќе излеземе посилни и подобри “, пишува премиерот Спасовски.

„Христос воскресна! Навистина воскресна! Останете дома!“, пишува во честитката претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски до монсињор д-р Киро Стојанов  и до сите верници на Римокатоличката Црква по повод Велигден.