Денеска, заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, преку видео–конференција, заедно и истовремено со претставниците на државите од Дримскиот Басен, ја потпишаа Заедничката изјава за одобрување на Стратешката акциона програма за Дримскиот Басен (САП).
Стратешката акциона програма е исклучително важен документ за регионот, но и за нашата земја. Главните придобивки ќе бидат исполнети преку главните цели на програмата, а тоа се:
1. Подобрување на размена на информации за состојбата и водниот режим во Дримскиот басен;
2. Создавање услови за одржливо користење на водата и екосистемите;
3. Развој на мерки за соработка со цел минимизирање на ризиците од катастрофи поради екстремните природни појави и климатските промени до 2030 година;
4. Подобрено управување со цврст отпад и негово соодветно одлагање;
5. Намалување на загадувањето со нутриенти што потекнуваат од непречистени или несоодветно пречистени отпадни води што се испуштаат и од неодржливи земјоделски практики;
6. Намалување на загадувањето со опасни материи како што се тешките метали и пестицидите.
Потпишувањето на САП всушност значи и врата за обезбедување на средства од донаторската заедница за имплементација на мерките предвидени во истата.
Воедно, ова е придонес на нашата земја во имплементацијата на Рамковната директива за води на Европската Унија.
Еден од најважните, за нас аспекти, е секако управувањето на сливот на Охридско Езеро како суб-басен на басенот на Дрим, за кој во рамките на Дримскиот проект е изготвен нацртот на Планот за управување со сливот на Охридско Езеро, план кој со години недостасуваше за квалитетна заштита и управување со Охридско езеро и неговиот слив во целина.
„Постојат неколку лекции научени од пандемијата КОВИД-19, а тоа е дека е важно да се има добро лидерство, солидарност и прекугранична и регионална соработка. Мора да размислиме како да ги водиме општествата на „зелен начин” и како сè да биде „одржливо“. Мора да се бориме против климатските промени и загубата на биодиверзитетот преку одржливи модели. Во таа насока, драго ми е што Дримскиот проект се заснова на принципите на одржливост и заштита на животната средина“, рече заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Макрадули.
Стратешката акциона програма игра две различни улоги:
• Еколошка, како важен чекор кон идно заедничко управување на Дримскиот басен, и
• Важна политичка порака за регионална соработка.
„Имено, заедничкото управување со басенот на реката Дрим, претставува значителна додадена вредност на тековната работа во Дримскиот басен, со цел зајакнување на регионалната соработката кон одржлив социо-економски развој на тој регион. Охридското Езеро, кое е суб-басен на басенот на реката Дрим, покрај неговата единствена биолошка разновидност, е значајно и за нас, како поради неговата туристичка вредност, така и поради производство на хидроенергија”, истакна Макрадули.
На крајот, заменик министерот Макрадули го поддржа предлогот дека следна точка на соработка треба да биде Преспанското езеро. Тој потенцираше дека покрај политичката симболика на Преспанскиот договор, значајна ќе биде синергијата и во еколошка смисла во заштитата на езерото.