Министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција информираше за успешната реализацијата на јавниот повик за изградба на фотонапонски централи на приватно земјиште, што ќе значи почеток на еден нов инвестициски циклус во делот на обновливите извори на енергија во Република Северна Македонија.
Како што информираше Бектеши, еден од главните приоритети на Владата е подобар квалитет на животот на своите граѓани, а овој приоритет се применува и во енергетскиот сектор преку политики кои овозможуваат промоција на обновливите извори на енергија, како и унапредување на енергетската ефикасност.
Министерството за економија како надлежно министерство за политиките во делот на енергетиката, поддржува активности за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност, со цел реализација на зацртаните цели за учеството на обновливите извори на енергија утврдени во стратешките документи во насока на постигнување на национална цел за заштеда на енергија. Со новиот Закон за енергетика и со големиот број инвестиции во обновливи извори на енергија и гасификација, Владата го стабилизираше вртоглавиот раст на цената на струјата. Споредено со времето на претходната влада, кога цената на струјата порасна за 100%, денеска, граѓаните ja плаќаат една од најниските просечни цена за киловат-час во регионот, и во Европа, потенцираше министерот Бектеши.
Министерот потсети дека со Стратегијата за енергетика е обезбедена регулатива и политики за максимално искористување на обновливите извори на енергија, што и една од главните цели на енергетската политика на Владата.
Бектеши потенцираше дека и во овој момент во време на светска пандемија која предизвика и економска криза во целиот свет, Министерството за економија не застана со реализацијата на своите проекти кои значат подобар и поквалитетен живот за граѓаните, што се потврдува и денеска со финализацијата на јавниот повик и потпишувањето на договорите за нови инвестиции во обновливи извори на енергија.
Министерството за економија објави два меѓународни тендери за доделување на премии за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали, при што првиот е успешно завршен.
„На почетокот на август минатата година беше објавен јавниот повик за доставување доделување на премии за електрична енергија произведена од фотонапонски централи на приватно земјиште.
Тендерската постапка за доделување на премии се спроведе како отворена постапка, најтранспарентно, при што беа доставени 44 понуди, и по комплетно спроведената евалуација, и роковите за жалби, се утврди дека од понудените 27 MW, потпишани се Договори за право на користење на премија за вкупно 21 MW, согласно доставените понуди за 29 локации низ целата држава со вкупно 23 инвеститори во 16 општини. Јавниот повик беше поделен во четири дела во зависност од површината на земјиштето при што: Во Првиот дел од 0 – 200 kW, каде што вкупната инсталирана моќност на сите електроцентрали од овој дел за којшто се доставени понуди не може да биде повисока од 2 MW - потпишани се 7 договори за инсталиран капацитет од 800 kW. За Вториот дел од 201 – 500 kW, при што вкупната инсталирана моќност на сите електроцентрали од овој дел за којшто се доставени понуди не може да биде повисока од од 5 MW - потпишани се 6 договори за инсталиран капацитет од 2.4 МW. За Третиот дел од 501 – 1000 kW, при што вкупната инсталирана моќност на сите електроцентрали од овој дел за којшто се доставени понуди не може да биде повисока од 10 MW - потпишани се 12 договори за инсталиран капацитет од 10.2 МW. И за Четвртиот дел од 1001 – 3000 kW, при што вкупната инсталирана моќност на сите електроцентрали од овој дел за којшто се доставени понуди не може да биде повисока од 10 MW - потпишани се 4 договори за инсталиран капацитет од 8.16 МW. Инвеститорите ќе имаат рок од 3 години да завршат со изградбата на фотонапонските електрани, и по пуштањето во употреба на истите, ќе се потпише Договор за користење на премиуми во траење од 15 години, информираше Бектеши.
Министерот додаде дека на годишно ниво за сите договори, и за државното земјиште и за приватното земјиште ќе се исплаќа околу 420 илјади евра, во зависност од производството на електрична енергија, но со оглед на тоа што на тендерот за државно земјиште каде што поради големиот интерес наместо државата да исплаќа премии добивме приближно три милиони евра од компаниите кои ги потпишаа договорите. Тоа значи дека со парите од државното земјиште, ќе се покријат трошоците за 7 наредни години за премиумите и на приватното земјиште и на државното земјиште.
„Сакам да информирам исто така дека со оваа спроведена постапка за фотоволтаици на приватно земјиште и онаа претходно за изградба на 35 мегававати фотонапонски централи на државно земјиште во Свети Николе и Македонски брод која успешно ја спроведовме, во државава ќе се градат вкупно 56 мегавати електрична енергија од обновливи извори од овие два тендери. Дополнително во ноември минатата година АД ЕСМ го потпиша договорот за изградба на 10 мегавати фотоволтаична централа во ТЕЦ Осломеј со компанијата „Гиришим Електрик“, а во февруари годинава беше објавен јавен повик за изградба на фотоволтаична централа од 100 мегавати на просторот на некогашниот рудник за јаглен ТЕЦ Осломеј, која ќе испорачува електрична енергија за 20.000 семејства, кажа министерот.
Според него, со сите овие инвестиции, како и планираната фотоволтаична електрана во РЕК Битола која се проектира на 20 МВ, ќе се постигнеме инсталираната моќност од 200 МВ којашто Владата ја вети на почетокот.
Колку за споредба во сите претходни 11 години изградени се само 16 мегавати со финансиска поддршка од неколку милиони евра само на годишно ниво, кои ги плаќаат сите граѓани на Република Северна Македонија.