МТСП: Парична помош за сите невработени кои имале прекин на работен однос во периодот од 11 март до 30 април

Работниците кои поради корона кризата останале без работа, независно од времето поминато во работен однос, ќе можат брзо да дојдат до помош за полесно да го премостат периодот на невработеност. Тие ќе добиваат паричен надоместок преку Агенцијата за вработување во времетраење од два месеца. Надоместок ќе добиваат невработените лица  на кои работниот однос им престанал во периодот од 11 март до 30 април 2020 година.

Владата на Република Северна Македонија одговори на потребата на граѓаните на кои им е неопходна парична поддршка затоа што го загубиле работното место во здравствено-економската криза. Со дополнување на Уредбата со законска сила за примената на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност , се обезбедува нивна материјална сигурност преку олеснување во поглед на основот по кој работниците останале без работа. Податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека во изминатиов период на голем број од невработените им бил прекинат работниот однос врз основа на потпишана спогодба, отказ  или лична изјава. Со новата уредба, сите тие добиваат право на паричен надоместок.

Во Уредбата е предвидено паричниот надоместок да се исплатува во висина од 50% од месечна нето плата на работникот исплатена за последниот месец, но не повеќе од 80% од просечната месечна нето плата по работник во Република Северна Македонија, објавена за последниот месец.

За да добие паричен надоместок, невработеното лице треба да достави барање во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на новата Уредба, до надлежниот центар за вработување на Агенцијата за вработување.

Грижата за секој граѓанин е системска и губењето на работното место не дозволуваме да заврши во сиромаштија. Невработените лица имаат право на материјално обезбедување и тоа можат да остварат на брз и едноставен начин.