Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во улога на Национален координатор на странска помош во земјава, а во присуство на Амбасадорот на Република Полска Н.Е. Војциех Тицињски денска во касарната „Илинден“ ја прими донацијата која Република Полска ја обезбеди за нашта земја како поддршка во борбата против КОВИД-19.
„Се работи за заштитни и дезинфекциски средства, поточно над 100 илјади заштитни маски и преку 10 илјади литри средства за дезинфекција. Но не станува збор само за производите, туку и за транспортот во специфични услови и предизвици, кој е целосно организиран од страна на Државната противпожарна служба на Полска, за да можат овие производи да стигнат овде во Скопје“ - истакна Османи, притоа упатувајќи благодарност до Амбасадорот Војциех, до Владата на Полска, до Државната противпожарна служба, но и до полските граѓани за нивната несебичност и солидарност во време на криза, со што само се потврдува поддршката која Република Полска во континуитет ѝ ја пружа на Република Северна Македонија.
„Влегувме во втората и третата фаза од стратегијата на Владата за борба против КОВИД-19, која претставува ослободување на движењето на граѓаните, но со построга примена на препораките во кои едни од најважните се токму носењето маски и честата дезинфекција, како на рацете така и на површините. Со самото тоа полската помош токму во маски и средства за дезинфекција пристигна во вистинско време и за вистинска намена, имајќи предвид дека во периодот што следи ќе имаме потреба овие средства во големи количини“ - додаде Османи, при што потенцираше дека денешната помош од Полска не претставува случајност, туку континуитет на добрите меѓусебни односи, бидејќи Полска обезбеди поддршка за земјава преку Црвениот крст и за време на кризата со поплавите од 2016 година.
Денешната донација од Република Полска е дел од конвојот хуманитарна помош која Полска ја обезбеди за сите 6 земји од Западен Балкан, во насока на полесно справување со пандемијата предизвикана од КОВИД-19.