На денешната редовна 61-ва седница Владата ја разгледа информацијата за активностите на Министерството за внатрешни работи и на инспекциските служби за контролите и постапувањата по однос на спроведувањето на владините мерки за справување со корона вирусот за време на тековниот продолжен викенд.
Според информациите од МВР, во текот на денот биле поднесени 114 кривични пријави по член 206 од Кривичниот законик, кои се однесуваат на дела со кои се овозможува пренесување заразна болест, како и 451 прекршочна пријава по членот 6 од Уредбата со законска сила за носење лична заштита заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот КОВИД-19 и заштита на населението за време на вонредна состојба.
Припадниците на МВР во текот на денот извршија контроли и на лицата кои се во самоизолација, а Владата беше информирана дека во текот на наредните два дена ќе биде зголемен бројот на припадниците на министерството на терен, особено во градовите туристички дестинации во земјата.
Во текот на денешниот ден од страна на Државниот пазарен инспекторат биле поднесени 4 кривични пријави по членовите 205 и 206 од Кривичниот законик кои е однесуваат на дела со кои се овозможува пренесување заразна болест, од кои 2 од пријавите се поднесени во Дојран, една во Струмица и една во Битола. Државниот пазарен инспекторат денеска поднел и 12 прекршочни пријави.
Државниот трудов инспекторат, во координација со полицијата, денеска направила засилени контроли на подрачјето на Општина Штип каде што Главниот координативен кризен штаб забрани работа на текстилните и кожарските фабрики за време на продолжениот викенд. Од надзорите е утврдено дека компаниите од овие две дејности во Штип целосно ја почитувале забраната, а со засилени контроли инспекторите на трудовиот инспекторат во производствените капацитети низ државата проверуваа дали се почитуваат протоколите за заштита на работниците.
ДЗСИ денес работеше на издавање на решенија за изолација на новите позитивни случаи и на нивните контакти.
Владата ги задолжи полицијата и инспекциските служби да продолжат со засилени контроли и да ги санкционираат сите прекршувања на мерките за спречување на ширењето коронавирусот и за заштита на здравјето на граѓаните од КОВИД-19.
Владата на Република Северна Македонија на денешната седница ја разгледа и усвои Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за мерки за справување со КОВИД-19 кризата. Согласно Програмата, 30 милиони денари ќе бидат наменети за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за преземање итни мерки за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19 преку грантови во износ од 600.000 до 900.000 денари и тоа за следните приоритетни цели:
- Информирање на јавноста за мерките и препораките на државните институции за спречување на ширењето на коронавирусот КОВИД-19, како што се препораките на Министерството за здравство, придржувањето кон мерката за самоизолација и задолжително носење на заштитна опрема на лицето;
- Правна помош, психолошка помош или совети за безбедност и приспособување за време на пандемија за најзагрозените групи, вклучително и спречување на стигматизација на заразените со коронавирус и лицата во изолација, односно спречување на говор на омраза;
- Помош и поддршка на децата од социјално загрозените семејства и децата од руралните средини за учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација;
- Помош и поддршка во грижата за стари лица, жртви на семејно насилство и други ранливи групи и во нивното приспособување на условите, што ги наметна кризата;
- Набавка и дистрибуција на хуманитарна и санитарна помош за социјално загрозените и маргинализираните групи, на локално ниво;
- Едукација, директна помош и поддршка на лица со хронични болести, лица со ретки болести, стари и изнемоштени лица, лица со зависности, самохрани родители, сексуални работници/чки, групи засегнати од ХИВ, лица со попреченост, ЛГБТИ и други социјално исклучени групи, во смисла на набавка на прехранбени производи и лекови, прехранбени и хигиенски пакети, психолошко-социјална помош и слично;
- Директна поддршка за ранливи категории на работници/чки од ниско платени гранки со идејни решенија, кои ќе им помогнат да остваруваат приходи за време на криза, како што е на пример, воспоставување на онлајн продавници за земјоделци/ки поединци;
- Директна поддршка на ранливи групи со ниски примања за да им се помогне со решенија кои ќе им помогнат за остварување на приходи за време на кризата;
- Правна помош на граѓаните од најпогодените заедници за да ги остварат правата од мерките, кои ги донесе Владата;
- Анализа на влијанието на пандемијата, вклучувајќи ги и економските ефекти од кризата врз жените и ранливите категории и предлози за менување на политиките и мерките;
- Промоција на домашното земјоделско производство, локални капацитети за рурален развој и туризам и локалното производство на храна;
- Антикорупциска проверка на политиките, кои се донесуваат во време на криза;
- Предлози за структурни промени и нови политики во областа на здравството, образованието, социјалната заштита, животна средина и др., кои ќе гарантираат социјално-економска правда и правичност;
- Информирање за заштитата на човечките права и ризикот од стеснување на просторот за граѓанските слободи за време на епидемија и вонредна состојба;
- Справување со дезинформации, лажни вести, стигматизација и говор на омраза;
- Активности поврзани со дигитализација и електронска писменост на населението воопшто, односно како да се зголеми довербата во електронската комуникација и работење;
- Онлајн обуки и менторство за невработени лица, со фокус на ранливи категории граѓани, за стартување на сопствен бизнис;
- Обезбедување на совети и поддршка за развој на онлајн модули за физичка активност со цел подобро ментално здравје за време на пандемија;
- Информирање и едукација на јавноста за практикување на физичка активност со почитување на социјално дистанцирање, преку развој на упатства, модули.
Здруженијата и фондациите, на кои ќе им бидат доделени средства ќе достават извештај за користење на средствата до Генералниот секретаријат на Владата, кој се грижи и за реализацијата на програмата и кој доставува извештај за реализација на оваа програма до Владата.
Владата на оваа седница ја донесе и Одлуката за критериумите и постапката за распределба на средствата за финансирање на програмските активности на здруженија и фондации за реализацијата на Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за мерки за справување со КОВИД-19 кризата.
На предлог на Министерство за образование и наука, Владата денеска донесе измени и дополнувања на Уредбата со законска сила за примена на Законот за високото образование за време на вонредна состојба со цел овозможување редовна организација на високообразовните установи во делот на уписите на сите степени на високообразованите институции.
На денешната седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата и ја донесе одлуката за бројот на студенти за запишување во прва година - прв циклус на студии на јавните високообразовни установи на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, Универзитетот во Тетово, Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ - Охрид и Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, во учебната 2020/2021 година, како и Одлуката за дополнителни квоти за запишување студенти припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија во прва година – прв циклус на студии на овие јавни високообразовни установи.
На оваа седница на Владата направено е и допрецизирање во членот 5 од Уредбата за законот за високо образование, кој предвидува дека на органите на универзитетите на кои мандатот им истекува за време на вонредната состојба мандатот, постапките за избор ќе ја започнат, односно продолжат во рок од 30 дена од завршување на вонредната состојба.
Со ова дополнување се регулира дека сите почнати постапки за избор на раководен орган пред стапување во сила на оваа уредба ќе се стават во мирување. Дејствијата кои се преземени претходно се сметаат за важечки, а останатите дејствија ќе продолжат по завршување на вонредната состојба и по престанок на ограничувањата предвидени со закон.
Со ова дополнување се гарантираат транспарентноста и инклузивноста при процесите на универзитетите во рамките на воспоставената правна рамка.
Извадок од Нацрт – записникот од 61-та седница на Владата на Република Северна Македонија, Точка 1
Извадок од Нацрт – записникот од 61-та седница на Владата на Република Северна Македонија, Точка 2