Министерот Кралев ја посети општина Пехчево
Министерот за образование и наука Панче Кралев денеска го посети Пехчево и од градоначалникот Јованчо Станоевски беше информиран за состојбите и потребите на воспитно-образовните установи во оваа општина.
По посетата на Општинското основно училиште „Ванчо Китанов“ Кралев изјави дека МОН ќе го поддржи подобрувањето на условите за работа - годинава ќе се реконструира старата училишна зграда и ќе се замени покривната конструкција на новото училиште.
Со овие проекти ќе се создадат нормални услови за настава на седумте дисперзирани паралелки со околу 250 ученци на СОУ „Ацо Русковски“ од Берово, кои сега ги користат просториите на ООУ „Ванчо Китанов“. Ќе се оовозможи и едносменско работење.
Градоначалмикот Станоевски се заблагодари за добиениот училиштен автобус од кинеската донација, со што многу ќе се олесни превозот на учениците од селата кои посетуваат настава во општинскиот центар.
Министерот Кралев присуствуваше и на промоцијата на проектот за мобилен патронажен тим „Добро утро, како сте“ на Општинската организација на жените, финансиран од австрискиот институт „Лудвиг Болцман“ и Министерството за труд и социјална политика. Со него се опфатени педесетина стари и изнемоштени лица, кои секој ден ќе бидат посетувани и ќе имаат помош од пехчевските жени-волонтерки.
На новинарско прашање министерот одговори дека има разбирање за отворање нови струки во средното образование во Пехчево, по најавениот старт на двата рудника за јаглен кај село Панчарево и за бакар кај село Негрево. Со новите струки би се подготовувал кадар за компаниите што ќе вршат експлоатација на рудното богатство во општината.