Филипче: Широкиот пристап на тестирање можеби не носи поени на Министерството за здравство, но е во интерес на јавното здравје

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче во вчерашното гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 потенцираше дека со широкиот пристап на тестирање на сите контакти од висок ризик за кратко време се идентификувани огромен број на асимтоматски носители на вирусот.

„На почетокот на овој бран се соочивме со една ситуација, кластери од семејни настани од каде практично произлегоа позитивни пациенти. Направивме широк пристап на тестирање на сите контакти кои имале висок ризик. Сакавме да ги изолираме апсолутно сите луѓе кај кои ќе детектираме вирус, па дури и тие да се асимтоматски. Овој пристап за Министерството за здравство не носи многу поени заради тоа што има голем број на новодијагностицирани и некој ќе каже дека се разгорува епидемијата, но, апсолутно оди во интерес на јавното здравје. Со вакво тестирање на контактите, а имавме бројни контакти во рамките на семејствата, помеѓу семејствата и надворешни контакти со овие семејства успеавме за кратко време да идентификуваме огромен број на асимтоматски носители на вирусот. Тоа да не се случеше, тие луѓе ќе шетаа низ градот и ќе го ширеа вирусот на неконтролиран начин“, истакна министерот Филипче.

Тој рече дека со овој пристап се успеа да се добие една целосна слика за состојбата на епидемијата во Северна Македонија и да се направи план за понатамошно делување.

„Точно можевме да предвидиме, согласно процентот на хоспитализациите и тежината на клиничката слика на колку луѓе ќе им биде потребно болничко лекување и согласно тоа да ги планираме капацитетите. Да ги спремиме и болничките кревети, но и кадарот, па и да ги организираме регионалните центри во Тетово, Штип, во Охрид и во Битола, инфективните одделенија во Велес, понатаму во Кавадарци, целосно на „стенд бај“ спремно доколку е потребно да се сместат пациенти.“, изјави министерот Филипче.

На прашањето за состојбата во регионот Министерот Филипче истакна дека е во постојан контакт со своите колеги од регионот каде насекаде има зголемување на бројот на нови случаи.