Претседателот на Владата Оливер Спасовски денешната работна посета на општините Прилеп и Крушево, ја започна со посета на прилепската Општа болница „Борка Талески“, каде заедно со министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче и градоначалникот на Општината Прилеп, Илија Јованоски и директорот на Општата болница, д-р Драги Богојески извршија обиколка на новоизградениот Ургентен центар и реновираното Акушерско одделение во рамки на болницата.
Истакнувајќи дека конечно, по 15 години е остварена иницијативата и потребата од отворање на Ургентен центар во склоп на прилепската болница, премиерот Спасовски нагласи дека граѓаните од оваа Општина добија модерен медицински Центар за тријажа, третман на итни пациенти, амбуланта за преглед на пациентите, просторија за реанимација, за згрижување на рани, како и просторија за давање на терапија, односно дневна болница со шест кревети. Ургентниот центар е опремен со ЕКГ и ЕХО апарати, дефибрилатор, три пациент -монитори, инфузиони пумпи и други апарати неопходни за првата, ургентна интервенција и во него во смени ќе бидат ангажирани 12 доктори и 12 медицински сестри.
Премиерот Спасовски додаде дека во Акушерското одделение е извршено генерално реновирање на подовите, на ѕидовите и вратите, на санитетски јазли и на водоводната инсталација, на осветлувањето и на електрична инсталација, и набавени се нови кревети и медицинска опрема, потсетувајќи дека од 2017 година за потребите на повеќе одделенија е набавена опрема од над 50 милиони денари.
„Се разбира, во овие услови на здравствена криза заради пандемијата со КОВИД-19, како и воопшто, јас на сите граѓани на општината им посакувам да ги служи здравјето и колку што може помалку да имаат потреба од лекарска помош. Но, мора да бидеме секогаш добро подготвени, да имаме добро опремени јавни здравствени установи, најдобри услови за работа на докторите и на целиот друг медицински персонал, за да бидеме сигурни дека граѓаните ќе ја имаат најдобрата здравствена услуга во нивната, локална средина“, подвлече Спасовски.
Тој потсети дека ветувањата кои Владата ги даде во однос на зголемувањата на платите на медицинските лица се остварија и основната плата на лекарите специјалисти е зголемена за 40 проценти, на медицинските сестри помеѓу 20 и 23 проценти. На општите лекари за 25 проценти, а на здравствените соработници за 15 проценти.
„Здравствената криза од пандемијата со коронавирусот повеќе од кога и да е покажа колку е важно здравствениот систем да биде цврст. Затоа, во овој период континуирано вложуваме и во зајакнување на здравствениот систем. Создадовме ресурси, сериозно надграден здравствен систем во однос на капацитети за сместување, медицинска опрема и знаењата на здравствените работници, за да се справиме и со актуелниот бран на коронавирусот. И во оваа прилика, како и на секој јавен настап повторувам: Вирусот ќе го победиме со многу дисциплина и безусловно почитување на мерките“, рече Спасовски изразувајќи убедување дека од оваа криза ќе излеземе многу посилни и помудри и ќе разбереме колку се важни граѓанската солидарност, поддршката на институциите и меѓусебното помагање.
При обиколката на новоизградениот дел и реновираното одделение премиерот Спасовски со министерот Филипче и домаќините, градоначалникот Јованоски и директорот Богојески извршија увид и во опремата која во мај пристигна како помош од турската компанија „АЛИМ ОРМАН УРУНЛЕРИ“, односно модерни болнички кревети и помошни помагала во вредност од 50.000 евра.
Mинистерот за здравство доц. д-р Венко Филипче потенцираше дека со оваа инвестиција болницата во Прилеп станува врвна, европска институција.
„Да се инвестира и да се направи Ургентен центар е навистина значајна работа. Сите пациенти, не само од Прилеп, туку и целиот регион можат навремено и сосем соодветно да добијат здравствена заштита. Кога на едно место има експертиза на искусните лекари специјалисти кои работат заедно и ги едуцираат младите специјализанти, тука е и Рендген одделението на коешто за кратко време се прави дијагностика, значи дека пациентот за рекордно кратко време добива соодветна здравствена услуга. Се прави тријажа и понатаму се прераспределува на некое од соодветните одделенија во оваа болница. Освен ургентниот центар којшто ќе биде во функција од овие денови тука во болницата во Прилеп, целосно е реновирано и гинеколошко-акушерското одделение. Сега родилките од целиот овој регион ќе имаат навистина пријатен престој во реновирани простории, целосно нови автоматизирани кревети, секоја соба со посебен тоалет“, истакна министерот Филипче.
Тој рече дека во една ваква светска здравствена криза, во пандемија, станува јасно колку е важно јавното здравство. Во еден ваков момент на секој граѓанин може да му затреба.
„Ние започнавме огромни инвестиции во јавното здравство изминатите три години, во изминатите 2 години вработени се 20 лекари во болницата. Само изминатата година пратени се од болницата во Прилеп 15 лекари на специјализација. Направивме инвестиција во платите какви што никогаш во историјата во нашата земја и во системот во здравството немало. Платите на лекарите специјалисти сега изнесуваат помеѓу 85 и 160 илјади денари. Верувам дека ги одвративме младите лекари од желбата да ја напуштат нашата земја. Сакам на крајот да им честитам на сите вработени во болницата, на директорот, на колегите лекари, на медицинските сестри и помошно-техничкиот персонал во несебичната и пожртвувана борба со вирусот КОВИД-19, третирајќи ги најтешките пациенти и така стоејќи напред во борбата против овој непријател на крај ќе бидеме победници“, посочи Филипче.
Градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски изразувајќи задоволство од зголемувањето на здравствениот капацитет во Прилеп и подобрувањето на здравствената заштита на населението на Општината, упати апел до сите граѓани да ги почитуваат мерките за заштита од КОВИД-19.
Градоначалникот Јованоски посебно се обрати кон младата популација да ги почитува препораките и да не подлегнува на како што истакна, повици на социјалните мрежи за дружења во поголеми групи, истовремено нагласувајќи дека припадниците на Министерството за внатрешни работи треба да ги зајакнат контролите и заеднички да се организираат во заштита на населението од ширење на вирусот КОВИД-19.
Директорот на Општата болница, д-р Драги Богојески ги поздрави присутните посебно укажувајќи дека трудот кој последните три години е вложен заедно со Владата и локалната самоуправа, може да се види преку Општата болница „Борка Талески“, која претставува модерен здравствен центар кој пружа комплетна здравствена заштита извршија обиколка на новоизградениот Ургентен центар и реновираното Акушерско одделение во рамки на болницата од било каков вид, за над 100.000 граѓани од оваа Општина.
Посетата на Прилеп, премиерот Спасовски, заедно со домаќините од општината и со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, ја завршија со посета на најнаселената населба „Точила“, каде извршија увид врз завршената реконструкцијата на локалниот пат, главната сообраќајница со вкупна асфалтна површина од 10.000 метри квадратни во оваа населба, со што се заокружи изградбата на целокупната придружна инфраструктура во населбата „Точила“.