Информативна средба за улогата на жените во превенција и мирно решавање на конфликти
Со цел поддршка на процесот на ефективна имплементација на Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на ОН, која се однесува на Улогата на жените во превенција на конфликти и мирно разрешавање на конфликтни ситуации денеска во Град Скопје се одржа информативна средба.
Средбата се одржа по повод 8 Март - Меѓународниот ден за правата на жените, во организација на Министерството за труд и социјална политика.
На средбата се обратија министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, државниот секретар во Министерството за внатрешни работи Виолета Андоновска, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и Наталија Дрозд, заменик-амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија.
Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски истакна дека силно и континуирано ги поддржуваат активностите на жените кои водат кон поголема демократизација на земјата во согласност со меѓународните конвенции и домашната регулатива, особено со Законот за еднакви можности на жените и мажите, како и имплементацијата на целите и приоритетите од Националниот план за родова рамноправност, усвоени од Владата.
- Кога се работи за улогата на жените во превенција на конфликти и мирно разрешавање на конфликтни ситуации, жените од Република Македонија не така одамна во конфликтниот период што ја зафати државата и регионот, во тешки услови, се поврзуваа и формираа мрежи, активно работеа и делуваа како за време на конфликтите, така и во постконфликтниот период. Жените од овие простори покренаа силно антивоено движење и дадоа голем придонес во градењето на мирот, подобрувањето на меѓуетничките односи и ублажувањето на последиците од конфликтот врз цивилите, со посебен акцент на бегалците и внатрешно раселените лица, од кои повеќето беа жени и деца, потенцира Ристовски.
Трајановски потсети дека Град Скопје вчера ја презентираше Стратегијата за родова еднаквост на Градот која е сеопфатен документ што ја изразува политиката и плановите за остварување на визијата „Скопје да прерасне во родово еднаков град“.
Тој информира дека во градската администрација во моментов се вработени околу 250 жени што е, како што рече, повеќе од 50 отсто од вкупно вработените, од кои повеќе од 20 отсто се на раководни позиции во Одделенијата и Секторите на Град Скопје.
- Жените во некои ситуации се похрабри од мажите, но тие во себе секако ја носат и мирољубивоста повеќе од мажите токму затоа нивната улога е од огромно значење во превенцијата и ненасилното разрешување на конфликтните ситуации, рече Трајановски.
Државниот секретан на МВР Виолета Андоновска рече дека прават сериозни напори во правец на истакнување на улогата на жената и искористување на сите нејзини капацитети. Таа додаде дека од деветте помошници на министри во ресорот за внатрешни работи, во моментов четири се жени, а на чело на Mинистерството е поставена жена.
Заменикот-амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија Наталија Дрозд нагласи дека статистичките податоци покажуваат оти дури деведесет отсто од жртвите на насилство се жени и додаде оти затоа, како најпогодена општествена група од родово насилство тие се најискусните и најумешните во решавањето на конфликтните и постконфликтните ситуации во подрачјата зафатени од војни.