Распишан тендер за набавка на два нови акцелератори во Битола и Штип, во Скопје ќе се инсталира уште еден
Министерството за здравство го распиша тендерот за набавка на два нови акцелератори - еден во Битола и еден во Штип. Тие треба да бидат испорачани во рок од 14 месеци по склучувањето на договорот. Почнуваат обуките на кадарот кој ќе работи со нив. Покрај постоечките два акцелератори во Скопје, уште еден треба да се смести во нов бункер.
Ова денеска го изјави министерот за здравство Никола Тодоров, кој ја посети Клиниката за онкологија и радиотерапија во рамки на Неделата за борба против малигните болести.
- Имаме постојан бункер тука кој е надвор од употреба во кој има определени радиоактивни материјали кои треба да се дислоцираат. Имаме шанси да го искористиме тој бункер за монтирање на новонабавениот акцелатор. Ако тоа го реализираме тогаш третиот акцелератор во Скопје ќе дојде побрзо од она што го најавувавме. Ако рокот беше околу 12 месеци за изградба на новиот бункер, ние во наредните месец-два ќе можеме да го инсталираме новиот акцелератор, рече Тодоров.
Со двата акцелератори во Битола и Штип и уште еден во Скопје, посочи тој, целосно ќе ги задоволиме потребите за овој тип здравствена услуга во Македонија.
Директорот на Клиниката, Милан Ристевски рече дека постојат листи на чекање, а тие се два до два ипол месеци.
Тодоров истакна дека со намалувањето на цените на лековите што го реализирале како резултат на спроведената реформа која стапи на сила од 1 февруари, до денеска само како резултат на цените на веќе склучените договори на Клиниката за онкологија и радиотерапија има заштеда од девет милиони денари.
- Оваа заштеда ќе биде најмногу до јуни-јули кога се очекува најмалку двојно да се зголеми заштедата само за овие лекови за кои денеска говоревме, рече Тодоров.
Одговарајќи на новинарско прашање истакна дека изградбата на бункерот за ПЕТ скенот е објект каков што досега никогаш немало изградено во Македонија.
- Тоа е практично една микронуклеарка затоа што циклотронот произведува изотопи кои се радиоактивни кои имаат строги протоколи на производство, на чување и дистрибуција и затоа треба да се почитуваат сите протоколи пропишани од Меѓународната агенција за атомска енергија и проектот треба да биде изграден и одобрен од неа. ПЕТ скенови, значи камери има повеќе во регионот. Производство на изотопи нема никаде во регионот, посочи Тодоров.
Она што ние ќе го произведуваме, укажа тој, ќе биде за пазар кој не е само за Македонија, туку за целиот регион.
- Рокот за пуштање во употреба на ПЕТ скенот е во септември 2013 година поради процедурите, рече Тодоров.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека во изминатиот период има застој на трансплантации на бубрези и во наредниот период ќе ја забрза оваа работа.
- Најмногу од се за да ги тргнам овие шпекулации кои многу ме повредија. До една страна нема трансплантации зашто некој не ги работи, а не сум јас тој што треба да ги работи, а од друга страна јас сум тој што сум обвинет дека ги уништува обидите да се прават трансплантации. Ниту јас ниту Министерството и Фондот нема таква намера. Напротив имаме намера трансплантацијата да се реализира во што поголем обем, појасни Тодоров.