Обезбеден траен надоместок за згрижувачите по наполнување на 62-годишна возраст
Згрижувачите ќе добијат право на паричен надоместок во вид на пензија во висина од 8.000 денари по навршувањето на 62-годишна возраст. Правото ќе може да го остварат доколку не остваруваат право на пензија по друг основ и ако функцијата згрижувач ја вршеле најмалку 10 години со прекини без нивна вина во периодот од 18 до 62 годишна возраст или, пак, непрекинато пет години пред наполнување на 62 години.
Тоа го овозможуваат измените на Законот за социјална заштита што неодамна ги донесе Владата на Република Македонија.
- Имајќи ги во предвид позитивните искуства од згрижувачките семејства како Влада и како Министерствто за труд и социјална политика одиме чекор напред, обезбедувајќи му на згрижувачот трајна егзизстенција со цел да ги мотивираме оние кои веќе згрижуваат, но и оние кои имаат намера да згрижуваат, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека анализите на Министерството покажуваат дека надоместокот во вид на пензија ќе го остварат 48 лица кои згрижувале најмалку пет години пред наполнување на 62 годишна возраст и 31 лице кое најмалку 10 години згрижувало. Најголем дел од нив се невработени жени.
Во Центрите за социјална работа се евидентирани 165 згрижувачки семејства во кои се сместени 220 деца и околу 60 возрасни лица. Во моментов во Македонија има 1.100 деца без родители и родителска грижа.
Контролата на условите на згрижување и начинот на работа ја вршат центрите за социјална работа. Како што информира министерот Ристовски, непосредно пред донесувањето на одлуката за обезбедување траен надомест направен е вонреден инспекциски надзор на згрижувачките семејства.
- Не очекував дека ќе добијам пензија за работата што ја работам и пријатно сум изненадена. Веќе 11 години згрижувам деца од кои некои сега се над 18-годишна возраст, вели една згрижувачка на деца која посочува дека чувањето деца им е семејна традиција, бидејќи и нејзините браќа и сестри згрижуваат деца.