На бизнис форум во Куала Лумпур претставени можностите за инвестирање во Македонија

Владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски денеска (петок, 9 март 2012 година) присуствуваше на бизнис форум во Куала Лумпур, Малезија, организиран од Малезиската индустриска стопанска комора.

На форумот се обрати д-р Вонг Лаи Сум, извршен директор на Малезиската корпорација за надворешно-трговски развој, малезиска владина агенција која што работи во областа на надворешно-економската соработка. Таа се осврна на отворањето нови можности за продлабочување на економските релации помеѓу Малезија и Македонија.

Премиерот Никола Груевски истакна дека е вистинско задоволство одблиску да се види забрзаниот чекор на една новоиндустријализирана пазарна економија, како Малезија, која постигнува просечна стапка на економски раст од 6,5% во изминатите педесет години.

-Од некогашен извозник на природни ресурси и суровини, Вашата земја денес изгради силно разгранета економија, која произведува високотехнолошки производи. Дозволете ми да му честитам на малезискиот народ за извонредните економски постигнувања, за кои допрва ќе се учи, -истакна Груевски.

Македонија и Малезија имаат многу сличности, како што се мултиетничноста и мултикултурноста, мирољубивоста и трудољубивоста, отвореноста за надворешна трговија и странски инвестиции и дека преку ваквите бизнис форуми целта е да се пренесе приказната за малата, но растечка европска економија, која неодамна се искачи на третото место на најдобрите реформски ориентирани земји во светот, според Извештајот “Doing Business” на Светската банка, дополни Груевски.

Премиерот наведе дека овие резултати се плод на долгогодишна работа на Владата и ги потенцираше суштинските реформи за подобрување на деловната клима и градење имиџ на мошне привлечна европска инвестициска дестинација. Се осврна на рамниот данок од 10% и за персоналниот доход и за добивката, ослободувањето од оданочување на задржаната добивка, постепеното намалување на социјалните придонеси за една третина, инвестирањето во човечкиот капитал преку инвестиции за образование на ниво од 6% од БДП, и отворената економија, која преку потпишаните договори за слободна трговија со Европската унија и земјите од ЕФТА и Југоисточна Европа (ЦЕФТА), како и со Турција и Украина, сега е дел од големиот европски пазар..

Заменик претседателот Зоран Ставрески се осврна на макроекономската стабилност и за потврдата на истата од страна на меѓународните кредитни рејтинг агенции во време на силни турбулентни движења во европската економија. Ставрески зборуваше и за скратените процедури за издавање дозволи, и младата и едуцирана работна сила.

Министерот Бил Павлески имаше презентација на трговските можности кои Македонија ги нуди за странските компании, при што се осврна на локациските, транспортните и логистичките предности кои што македонската економија им ги нуди на потенцијалните инвеститори.

Директорот Виктор Мизо се осврна на поволностите кои што им се нудат на инвеститорите во развојните зони, а зборуваше и за конкурентските предности на Македонија споредено со останатите земји од регионот на Југоисточна и Источна Европа.

Премиерот Груевски и членовите на владината делегација остварија повеќе тет-а-тет средби со претставници на малезиски компании.

Владината делегација со денешниот настан во Куала Лумпур, на кој имаше претставници на повеќе компании од секторите за преработка на храна, автомобилска индустрија, хотелиерство, финансиски сектор, ИТ сектор и други, ги заврши презентациите на македонските инвестициски можности во рамки на посетата на Индија и Малезија.