Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска извршија увид во градежните работи на изградбата на канализационата мрежа во Арачиново.
Во изјавата за медиумите, премиерот Спасовски објасни дека ако на цела територија на Северна Македонија е во тек една голема градежна офанзива за изградба на различни инфраструктурни капитални проекти, Општина Арачиново е Северна Македонија во мало.
„Во оваа општина инфраструктурните проекти се реализираат еден по друг во континуитет полни три години. Денеска сме тука за да се увериме дека градежните работи на изведувањето на канализационата мрежа во Арачиново се одвива според предвидениот план и утврдените рокови. Работите на самиот терен интензивно започнаа кон крајот на јануари оваа година, и веќе се завршени дури 55 проценти од мрежата“, истакна премиерот Спасовски.
Тој потенцираше дека паралелно работат екипи на две локации и изрази увереност дека со ова темпо изградбата на примарната канализација за населеното место Арачиново, во должина од нешто повеќе од 10 километри ќе заврши и пред предвидениот рок, кој е определен во март 2021 година.
„Кога пред три години се случија политичките промени и кога некои се закануваа и предвидуваа федерализација и кантонизација, ние ветивме дека овде во Арачиново ќе изградиме канализација. Го ветивме тоа затоа што е недозволиво населено место на десеттина километри од главниот град да нема канализациона мрежа во 21 век. Го ветивме тоа затоа што Арачиново беше општина во која најмалку се вложуваше од страна на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ (и ДУИ) и затоа денеска го следиме напредокот на изведувањето на проектот вреден 106 милиони денари“, потенцираше премиерот Спасовски.
Тој потсети дека пред некое време овде завршија работите на новата, современа општинска зграда и останува да се доуреди просторот околу зградата и да се опреми со канцелариска и друга опрема внатрешноста на зградата.
„Новата зграда, на граѓаните на Општина Арачиново ќе им овозможи брзо и многу поедноставно да ги добиваат услугите на општината, а администрацијата на локалната самоуправа ќе работи во современ објект со силна мотивација да им ги даде на граѓаните сите потребни сервиси. Во меѓувреме, во 2017 и во 2018 година се изведоа работи за реконструкцијата на постојната општинска барака каде сега работи администрацијата на општината. Се реновираше старото училиште, а во новото се вгради модерен систем и енергетски ефикасен систем за греење“, објасни премиерот Спасовски.
Тој објасни дека преку Бирото за регионален развој и Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој се изгради локалниот пат кон село Грушино, како и шеталиштето, пешачката и велосипедската патека со хортикултурно уредување во Арачиново.
„Завршија дел од работите на бунарите, а некои градежни работи на другите бунари се во тек, со што ќе се заврши проектот за автономно снабдување на резервоарите за вода за непречен дотек на чиста вода за пиење во Арачиново. Ова се само дел од сите проекти. Некои се пред почеток на реализација како што е градинката која наскоро ќе почне да се гради и со тоа Арачиново за прв пат во својата историја ќе добие установа за згрижување на децата од предшколска возраст“, акцентираше премиерот Спасовски.
Тој потенцираше дека Арачиново е пример за тоа што навистина значи концептот „Едно општество за сите“. Освен заедничкиот живот со сите претставници на сите етнички заедници, овој концепт значи и еднакви услови за живот и во урбаните и во руралните средини. Едно општество значи и еднаков развој на локалните самоуправи.
„Тоа е нашиот концепт за подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани кој дава реални резултати. Имаме мотив, имаме волја имаме енергија да работиме уште попосветено на креирање и реализација на мерки и политики што се во интерес на граѓаните, и убеден сум дека и во наредните 4 години ќе продолжи соработката меѓу Владата и локалната самоуправа во интерес на граѓаните“, истакна премиерот Спасовски на крај на својата изјава.
Министерот Сугарески во својата изјава ја истакна силната посветеност на развој на целокупната инфраструктура во државата и максималната фокусираност на реализација на крупните капитални инвестиции за обезбедување на поквалитетен живот на сите граѓани.
„Во Владината програма предвидовме капитални проекти за сите општини и за сите граѓани, овде во Арачиново ветивме дека ќе овозможиме подобри услови за живот, и ова е нашето ветување. Започнавме со изградба на канализација низ Арачиново во должина од 10 километри. Инвестицијата е вредна 1,7 милиони евра и можам слободно да кажам дека за прв пат ваква крупна инвестиција се реализира во Арачиново. Со проектот се предвидува изградба на 10 краци на канализациона мрежа да се изградат низ општината, а според договорот планирано е целосно да се заврши до март следната година. Тоа што е значајно е дека го решаваме најголемиот проблем што го имаат жителите на Арачиново“, потенцираше министерот Сугарески.
Тој најави дека следна фаза е изградба на пречистителна станица и секундарна мрежа, што значи насекаде низ Општината ќе има канализациона мрежа и потенцираше дека овој проект, како и многу други проекти во изградба на патишта, водоводи и канализации, гасоводот се започнати претходно и независно од изборниот процес или КОВИД кризата максимално се работи за да се реализираат и граѓаните да го почувствуваат нивниот бенефит.
„Ние како Влада се стремиме тоа да го постигнеме во секое населено место низ државата. Често говорам дека наша примарна цел е изградба на канализации и водоводи заради обезбедување на подобри услови за живеење за граѓаните. Моментално работиме на преку 30 проекти за изградба на водоводи и канализации во различни општини низ државата и тоа е доказ за нашата посветеност за подобрување на комуналната мрежа“, финално истакна министерот Сугарески.
Градоначалничката на Општина Арачиново, Миликије Халими во својата изјава истакна дека Арачиново се менува на подобро и дека во општината се реализираат круцијални инфраструктурни проекти како никогаш досега и ги наброи проектите како канализацијата, ново шеталиште, нова градинка и патишта.
Таа ја пофали посветеноста на Владата на СДСМ во напорите за подобрување на животот на граѓаните во Арачиново и истакна дека за период од три години локалната самоуправа постигнала повеќе резултати што за триесет години не се постигнати од другите градоначалници.