Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, заменикот министер за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар, дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ денеска извршија увид во градежните работи на нова, енергетски ефикасна градинка во Волково, Општина Ѓорче Петров.
Во изјавата за медиумите, премиерот Спасовски објасни дека во изминатите три години, Владата на Република Северна Македонија, во тесна соработка со единиците на локалната самоуправа, спроведе стотици и стотици проекти од најнепосреден интерес за граѓаните.
„Вложуваме, градиме, се грижиме. Во инфраструктурата се реализираат проекти како никогаш досега. И во време на оваа криза со КОВИД-19, инвестициите во инфраструктурата продолжуваат. Тоа ја прави сосема видлива разликата од претходниот период. Градежните работи на објектот стартуваа на почетокот на февруари, и после 18 месеци, кога ќе биде готова, градинката ќе прими 175 деца. Според проектот, станува збор за современа градинка, енергетски штедлив објект по сите стандарди. Градењето на овој капитален проект се движи со одлично темпо и според динамиката, предвидено е да се заврши во предвидениот рок. Секое дете заслужува шанса за правилен детски развој и заштита“, образложи премиерот Спасовски.
Тој истакна дека во изминатиот период инвестирале во 44 градинки и објекти за ран детски развој и создале услови за квалитетно сместување на 3.000 предучилишни деца.
„Дополнителни 15 милиони евра се обезбедени за нови инклузивни и енергетски ефикасни градинки кои ќе значат нови 7.500 места за згрижување на деца во градинки. За само две години се изградија, се обновија и реновираа повеќе од 70 објекти, градинки и детски центри во целата држава, во градовите, но и во руралните средини. Ги ослободивме од плаќање надоместок за градинка самохраните родители во социјален ризик. Системски го решивме прашањето за бесплатно вклучување во предучилишно образование на децата Роми од семејства во ризик“, акцентираше премиерот Спасовски.
Премиерот Спасовски образложи дека квалитетно предучилишно образование подразбира и мотивиран, стручен кадар и затоа со реформите е направено историско зголемување на платите на воспитувачките за 27% или во просек за 5.744.
„Секое дете заслужува грижа, за негов непречен емоционален и психо-физички развој. Грижата за децата е грижа за нашата иднина, иднината на сегашните и идни генерации. Затоа наша посебна грижа се решавањето на инфраструктурните прашања и на училишните објекти. Затоа, како дел од нашата денешна посета на Општина Ѓорче Петров, го вклучивме и увидот во работите на доградбата на училиштето „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во населеното место Хром. Во меѓувреме таму успешно завршува реновирањето на кровната површина, а во дворот на ова училиште заедно со Агенцијата за млади и спорт се гради уште еден капитален проект – пливачки базен. Тоа е уште еден значаен придонес за спортски активности и за негување на физички здрави генерации“, го истакна своето задоволство премиерот Спасовски.
Тој потенцираше дека Општина Ѓорче Петров е една од најактивните општини во однос на важни проекти за граѓаните.
„После 60 години, граѓаните од Волково и Орман добиваат спортска сала во ООУ „Јоаким Крчоски“, во која учениците, од 1 септември ќе ги имаат најдобрите услови за физички активности и за спортување. Маалското собирање и дружење на ѓорчевци е синоним за оваа општина. Со поддршка на Министерството за финансии и со поволен заем од Светска Банка, наскоро со полн сјај ќе се врати во функција познатото корзо, кое покрај паркот во Ѓорче Петров, беше еден од најпознатите шеталишта во Скопје. Во изминатите нецели три години, во општината во континуитет се работеше на подобрување на условите за живот низ целата општина. Во Дексион е поставено ново улично ЛЕД осветлување, а населбата добива нова фекална канализација долж улицата „Црногорска“. Во градинката „Кокиче“ инсталирани се нови инвертер клими, а во делот на животната средина-засадени се 80 нови садници и обновена дел од зелената површина.
Владата, во соработка со Општина Ѓорче Петров реализира низа други капитални проекти како што се санација на патишта, се реконструираат над 60 улици, меѓу кои и реконструкција на патот Волково-Кучково, а се гради и кружен тек во Волково“, акцентираше на крај премиерот Спасовски.
Тој ја заврши својата изјава со силна увереност дека ветеното се исполнува и дека во врвот на грижата се граѓаните и нивните непосредни интереси.
Заменикот министер за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар објасни дека овде во Волково, каде што се гради една од најсовремените градинки кај нас, вкупната инвестиција е над 80 милиони денари, од кои околу 73 милиони денари се обезбедени од Министерството за труд и социјална политика заедно со Светска Банка. Оваа градинка е димензионирана за згрижување на 175 деца.
„И овој дел од градот ќе добие топло катче за безгрижно детство на најмладите“, потенцираше заменикот министер Бајрактар.
Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ истакна дека иднината на секоја држава зависи од генерациите кои доаѓаат и затоа оваа Влада и Министерството за труд и социјална политика систематски вложува и во најмладите, почнувајќи со зголемување на капацитетите за предучилишно образование.
„Единствен начин да изградиме здраво граѓанско општество е да инвестираме во децата. Министерството за труд и социјална политика креираше сет мерки за намалување на детската сиромаштија, а предучилишното образование и раниот детски раст и развој се клучни фактори во обезбедување еднакви можности и еднаков старт на секое дете. За квалитетно предучилишно образование неопходен е квалитетен, обучен и мотивиран кадар. Затоа работевме на зајакнување на професионалните компетенции на воспитувачите овозможувајќи, континуиран професионален развој на кадарот. Истовремено, ги зголемивме и платите на воспитувачките кои беа опфатени со реформата. Работевме и на нови програми коишто треба да влезат во ревидираната програма за рано учење и развој. Нашата држава е една од првите држави кои воведоа пилот програма за социоемоционален развој на децата во градинките“, потенцираше Шкријељ.
Патот за создавање најдобро европско предучилишно образование е трасиран и ние ќе продолжиме да го градиме.
Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски во својата изјава потенцираше дека овој објект ќе биде гордост на ѓорчепетровци.
„Градинката заедно со Министерството за труд и социјална политика ја градиме по сите светски стандарди, адаптирани за ваков објект. Со нејзиното пуштање во употреба, кое по динамиката на градбата ќе заврши во предвидениот рок, ќе бидат примени околу 200 дечиња, со што значително ќе го намалиме бројот на деца што чекаат на ред за упис. Оваа градинка, доградба на градинката „Детелинка“, новото Корзо, базенот, новата училишна спортска и фекалната канализација, се само дел од проектите кои успеваме да ги реализираме со помош од Владата. Голем проект кој сакам да го споменам е и јавното осветлување кое речиси целосно го променивме со нови ЛЕД светла“, ги презентираше фактите за градинката градоначалникот Наумовски.
Тој објасни дека во Волково се работи и на реконструкција на патот Волково-Кучково со планиран кружен тек во центарот на Волково, со што значително ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот.
„Како министер за транспорт и врски Владо Мисајловски не успеа да асфалтира ниту еден метар во неговото родно место.
Ние асфалтиравме над 60 улици, дел во соработка со Владата предводена од СДСМ. Заедно со Градот, целосно ја реконструиравме и главната артерија, улицата „4 јули“. И тука не застануваме. Напротив, продолжуваме да работиме со засилена динамика. Имаме уште идеи и проекти кои треба да ги реализираме. За разлика од претходното локално раководство, ние не селектираме по партиска или друга припадност. Работиме за сите граѓани и оставаме објекти за сите генерации“, истакна на крај градоначалникот Наумовски.