Универзитетската Клиника за пластична и реконструктивна хирургија е целосно реновирана. Комплетно е обновен хируршкиот инструментариум, апаратурата за електро хирургија, неуростимулација и друга специфична апаратура. Третманот на пациентите и квалитетот на услугата е подигнат на високо ниво согласно највисоката медицинска пракса. Со ова, исполнети се сите услови за спречување на интрахоспитални инфекции согласно стандардите на Светската здравствена организација.
„Ги подобривме условите во 32 јавно-здравствени установи. Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија е една од тие институции, каде менаџерскиот тим веднаш почна со реновирање и овозможување подобар третман за пациентите. За многу краток период направивме вистински пресврт во јавното здравство. Како никогаш досега инвестиравме во инфраструктура, нова медицинска опрема и вложување во човечкиот капитал. Вакво зголемување на платите како сега немало никогаш во земјава. Горд сум што здравствените работници се мотивирани за работа. Само преку зголемување на платите и подобрување на условите за работа можеме да ги задржиме во нашата земја“, изјави министерот Филипче.