Заменик-претседателката на Владата на Република Северна Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска беше во посета на Центар Жупа каде што посети повеќе точки и инвестиции од страна на Владата и локалната самоуправа.
По посетата таа даде изјава за медиуми, која ви ја пренесуваме интегрално:
„Денеска сме во Центар Жупа и можеме да ја видиме новата велосипедска патека која што ја поврза Центар Жупа со Дебарското Езеро. Ова е проект кој што го работеше Владата заедно со општината и проект кој што ќе даде стимул, импулс за развој на локалниот туризам, ќе даде шанса на населението од Центар Жупа, меѓутоа и на многу спортисти, велосипедисти, риболовци, да ги искористат овие прекрасни природни капацитети.
Во Центар Жупа имавме прилика да видиме колку може да се промени Општината и квалитетот на граѓаните ако се инвестира во инфраструктура. Тоа го направивме со инвестиции во еден од регионалните патишта кој што ја поврзува целата оваа општина со регионалниот пат Дебар – Струга и еден од локалните патишта кој што понуди шанса особено за деца, млади, стари кои што патуваа во неверојатно лоши услови, по кал и снег да патуваат по современ пат кој што е проширен од 3,5 на 5 метри и кој што обезбедува и посигурен сообраќај.
Инвестиравме во оваа инфраструктура за да се подобри квалитетот на животот на граѓаните. Инвестиравме и заради тоа што со ова дадовме шанса за развој на локалната економија. Денеска имавме прилика да бидеме присутни во два нови погони кои што се отворени во Центар Жупа, кои што создаваат нови работни места кои работат во најголем дел за извоз и кои што велат дека можеле да инвестираат дома затоа што гледале дека парите се трошат на вистинско место. За подобри услови, за подобра економија.
Инвестиравме во овие патни правци, инвестиравме во Центар Жупа после триесет или четириесет години ветувања. Тоа што другите го зборуваа, ние го сработивме. На ваков начин ќе обезбедиме и повеќе пари кај граѓаните, на ваков начин ќе обезбедиме и подобар живот.“