Во изјава за Канал 5, Министерот за здравство, доц. Д-р Венко Филипче ја оцени епидемиолошката состојба како генерално стабилна и дека има се помалку пациенти во болничките одделенија, па нема потреба од рестрикции.
„Засега нема најава за нови дополнителни рестрикции, апсолутно нема никаква индикација, или пак, кој било параметар да укажува дека ситуацијата се влошува - и во однос на број на новодијагностицирани пациенти, и во однос на број на пациенти кои треба да се хоспитализираат, тој број е константен подолг временски период, некаде околу 10 проценти од вкупниот број активни дијагностицирани пациенти се сместени во болниците и така останува овој тренд, што значи дека добро се менаџира. Така што, генерално мислам дека ситуацијата е стабилна, епидемиолошката состојба ја имаме целосно на увид, имајќи го во предвид масовното тестирање коешто го правиме и така ќе продолжиме и понатаму.“ – оценува Филипче.
Тој истакна дека не се планирани рестрикции во работата на економските оператори ниту пак рестрикција во движењето во било кои делови на државата, нагласувајќи дека постојат протоколи и тие треба да се почитуваат, а доколку не се почитуваат треба да се санкционираат прекршителите.
„Во однос на прекршувањето на протоколите - има протоколи за работа буквално за сите економски оператори и веќе постапија надлежните инспекторати, како што се Државниот пазарен инспекторат и ДСЗИ, а каде имаше потреба и Инспекторатот за труд, и со тоа се преземени соодветни мерки. Не може да се воведуваат рестрикции заради нечие непочитување на веќе постојните мерки и протоколи. Така што нема никаква индикација дека мерките ќе се заоструваат, повторно апелирам да се почитуваат мерките. Сите економски оператори ги имаат добиено протоколите и никаде нема проблем никаде каде тие се почитуваат.“ – изјави Филипче.