Министерката Канческа Милевска во посета на објекти од културата во Велес
Министерката за култура Елизабета Канчевска Милевска денеска со своите соработници, заедно со градоначалникот на Велес, Горан Петров и директорите на некои од институциите на културата во Велес ги посети новата театарска зграда во изградба и Спомен костурницата на загинатите борци од Народноослободителната војна.
По разгледување на новата театарска зграда во градба, таа за изјави дека е задоволна од тоа како се одвива изградбата на оваа капитална инвестиција на Министерството за култура односно Владата на Република Македонија во која досега се вложени над 3,5 милиони евра и која треба да биде пуштена во функција во првиот дел од 2013 година.
- Завршени се сите тендерски процедури околу сите фази за изградба на театарот, затоа што се работи за сложена градба. Мораме да водиме сметка за усогласување на сите фази, истакна министерката Канческа Милевска. Таа потенцира дека досега се завршени сите процедури околу избор на фирма за изработка на сценските технологии, за машинството, и за ентериерот и тоа според сите најсовремени светски стандарди.
- Останува на фирмите да си ги испочитуваат своите рокови,а ние како Министерство ќе водиме една поамбициозна и позабрзана динамика со цел во првиот период од следната година биде завршен и отворен новиот театар во Велес. Несовесните изведувачи кои навреме нема да ги завршат работите ќе бидат санкционирани, подвлече Канческа Милевска.
Таа најави дека ќе се отвори и партерното уредување, а паралелно ќе се работи на сценската технологија и на ентериерот на новата театарска зграда.
Министерката Канческа Милевска направи увид и на состојбата со Спомен костурницата од НОВ во Велес, по што за медиумите истакна дека костурницата е многу значаен споменик на културата.
- Најважно е да се детектираат проблемите односно да се утврди од каде протекува во внатрешноста на Спомен Костурницата и се уништува мозаикот на Петар Мазев, а потоа соодветно и правилно да се санира, рече таа, додавајќи оти оваа недела ќе биде испратен поголем стручен тим од страна на Националниот конзерваторски центар, по еден член од Општина Велес, од велешкиот Народен музеј и од Управата за заштита на културното наследство и од Министерството за култура, со цел да се направи добра анализа на состојбата и план за санација.
Канческа Милевска меѓу другото најави и дека по средбата со експертите ќе ги информира медиумите за тоа што ќе биде превземено за санација на овој значаен споменик на културата во Велес, во кој почиваат посмртните останки на велешките борци од НОВ, меѓу кои и посмртните останки на револуционерот и борец, Коста Солев Рацин.